Вкупно 107 лица се починати од коронавирусот во Италија, соопштија тамошните власти вечерва.
Бројот на заразени е 3.089, со што Италија е трета во светот по заболени од новиот коронавирус, по Кина и Јужна Кореја.
Во изминатите 24 часа починаа 28 лица, а во земјата се идентификувани 587 нови случаи, соопшти службата за цивилна заштита.
Светската здравствена организација (СЗО) во последното соопштение информираше дека во моментов има вкупно 90.893 пријавени случаи на коронавирус (Ковид-19) на глобално ниво, и 3.110 смртни случаи.
Во изминатите 24 часа, Кина пријави 129 случаи, што е најмал број од 20 јануари. Надвор од Кина пријавени се 1.848 случаи во 48 земји, а 80 проценти од случаите се во Јужна Кореја, Иран и Италија.
Вкупно 12 држави пријавиле први случаи, а во моментов има 21 земја со по еден случај. Вкупно 122 земји не пријавиле ниту еден случај на зараза.
„Сфаќаме дека луѓето се плашат и се несигурни. Стравот е природен одговор на човекот на секоја закана, особено кога станува збор за закана што не ја разбираме целосно. Но, како што добиваме повеќе податоци, сè повеќе и повеќе учиме и го сфаќаме вирусот и болеста што ја предизвикува“,
изјави синоќа директорот на СЗО, Тедрос Гербрејесус.