Данската студија се однесува на лицата што се заразиле со коронавирус во првиот и во вториот бран, односно периодот од март до декември лани
За разлика од лицата под 65 години, кои по прележан ковид-19 се заштитени од реинфекција околу 80%, таа кај лицата од 65 години и постари е 47%
Повеќето луѓе што имале коронавирус се заштитени од повторна зараза најмалку шест месеци, покажува ново истражување спроведено во Данска, чии резултати се објавени во научното списание „Лансет“.
Големо истражување на стапките на реинфекција во Данска во 2020 година потврдува дека само мал дел од луѓето (0,65%) двапати добиле позитивен ПЦР-тест.
Но, вестите се помалку позитивни за оние на возраст над 65 години, кои се склони кон повторна инфекција.
За разлика од лицата под 65 години, кои по прележан ковид-19 се заштитени од реинфекција околу 80%, таа кај лицата од 65 години и постари е 47%, што укажува на поголема веројатност дека оваа популација многу полесно повторно може да заболи од ковид.
Според студијата објавена во „Лансет“, периодот на заштита од реинфекција останува ист кај сите – шест месеци.
„Нашата студија го потврдува она што се чини дека го сугерираат и голем број други: реинфекцијата со ковид-19 е ретка кај помлади, здрави луѓе, но постарите лица имаат поголем ризик да се заразат повторно“,
вели д-р Стен Етелберг од Серумскиот институт „Статенс“ во Данска, што укажува дека мора да се посвети поголемо внимание на политиките за заштита на повозрасната популација за време на пандемијата.
Авторите на новата студија ги анализираат податоците собрани како дел од националната стратегија за тестирање во Данска, преку која се тестирани повеќе од две третини од населението (69% или четири милиони луѓе) во 2020 година.
Истражувачите ги користеле овие податоци за да ја проценат заштитата од повторна инфекција со оригиналниот вид САРС КОВ-19.
Меѓу оние што имале вирус за време на првиот бран помеѓу март и мај 2020 година, само 0,65% (72 од 11 068) биле повторно позитивни во вториот бран, од септември до декември 2020 година.
Од оние на возраст под 65 години, кои имале ковид-19 за време на првиот бран, 0,60% (55 од 9 137), повторно биле позитивни во вториот бран.
Истражувачите велат дека ова покажува дека постарите луѓе имаат поголем ризик од реинфекција, со 0,88% од оние на возраст од 65 години или постари кои биле заразени за време на првиот бран, а потоа биле позитивни и во вториот бран.
Авторите признаваат дека нивната студија има и недостатоци, како на пример дека клиничките информации се добиени само од пациенти што биле примени во болница, па затоа не може да се извлече заклучок за сериозноста на симптомите при реинфекција.