И покрај падот од 13 отсто, Албанија останува со највисоко ниво на доверба во ЕУ, во споредба со другите земји од Западен Балкан, меѓу кои е и Северна Македонија
Се чини дека условите за отворање на преговорите го истенчија трпението на Албанците, наведува весникот „Монитор“
Довербата на Албанците во Европската Унија е намалена за 13 отсто во рок од една година, според резултати од истражување спроведено од Централната банка на Австрија, со граѓаните во регионот на Југоисточна Европа
Како што пренесува МИА, во 2019 година само 51 отсто од анкетираните албански граѓани имале доверба во ЕУ во споредба со 64 отсто во 2018 година. Довербата во ЕУ варира во последните години а највисок процент на доверба од 77 проценти е забележан во 2011 година, веднаш по укинувањето на визите во декември 2010 година.
„И покрај овој пад, албанските граѓани остануваат со највисоко ниво на доверба во ЕУ, во споредба со другите земји од Западен Балкан. Во четирите земји што не се членки, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија, каде што беше спроведено истражувањето, довербата во Европската Унија значително се намалила во 2019 година. Спротивно на тоа, граѓаните во земјите-членки на ЕУ, како Бугарија, Чешка, Унгарија и Полска имаат зголемена доверба во ЕУ во 2019 година“,
наведува весникот „Монитор“, како што пренесува МИА.
Според истиот извор, во периодот 2009-2019 година албанските граѓани имаат највисоки нивоа на доверба во ЕУ, дури повисоки и од новите земји членки, но се чини дека условите за отворање на преговорите го истенчија трпението на Албанците.
„Пандемијата со ковид-19 дополнително ги оддалечува балканските земји и Албанците од Европската Унија. Недостигот на солидарност за проширување на помошта за најсиромашниот регион во Европа и недостигот на резерви на вакцини за балканските земји може да го зголеми скептицизмот“,
констатира весникот „Монитор“