Првичната информација, дека истрагата ќе ја раководи Македонија, ја објавија српски медиуми повикувајќи се на американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот, тамошната федерална агенција за несреќи во цивилниот сообраќај
Вчера, на небото над Македонија, се случи инцидент на лет од Солун, Грција, до Меминген, Германија. Има неколку верзии за настаните, но за последицата нема дилеми – авионот останал без прозорец од кој за малку не излетал еден патник
Истрагата за инцидентот со авионот на „Рајанер“ од Солун кон Меминген е во тек, изјавил за МИА претседателот на Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, Марјан Прпоски. За државната агенција тој додал и дека се во постојана комуникација со Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (НТБС) на САД и дека за сите дополнителни информации во врска со случајот навремено ќе ја информираат јавноста.
Ова засега, е единствената официјална информација која ја објавуваат македонските власти по инцидентот кој се случи вчера над Македонија. На тоа претходеше текст во српски „Аеро.рс“, во кој порталот се повика на објава на „Х“ на американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот.
„НТСБ назначи акредитиран претставник кој ќе ѝ помогне на Република Северна Македонија во истрагата за несреќата на летот на ʼРајанерʼ над Северна Македонија во петокот. Согласно меѓународните протоколи на Меѓународната организација за цивилна авијација (ИКАО), Анекс 13, сите информации за истрагата ќе бидат обезбедени од страна на Република Северна Македонија“
The NTSB has appointed an Accredited Representative to assist the Republic of North Macedonia with its investigation into the Ryanair accident over North Macedonia, Friday.
— NTSB Newsroom (@NTSB_Newsroom) July 10, 2026
Per international protocols under the International Civil Aviation Organization's Annex 13, all…
Што се случило, во оптек, засега, се барем две верзии.
Грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на извори од аеродромот во Солун, објави дека авионот што летал на релација Солун – Меминген се соочил со дефект додека летал над Македонија, по што се вратил на аеродромот во Солун. При спуштањето се откачил дел од моторот, кој повредил еден од патниците. Од друга страна е соопштението на компанијата „Рајанер“ во кое, пак, се вели дека еден прозорец се откачил уште за време на летот.
На фотографии и видеа објавени денеска на социјалните медиуми може да се видат оштетувањата на авионот.
Кога се скршил или отпаднал прозорот, патникот најблизу до него, инаку државјанин на Србија, бил доведен во опасност да излета од авионот поради наглата декомпресија. Според сведоштвата на патниците и неговата сопруга, го спасил појасот кој му бил врзан во моментот и помошта од сопругата и двајца други патници кои го задржале. Човекот беше префрлен во болница во Солун по слетувањето.
