Надлежниот јавен обвинител оценил дека се исполнети сите законски услови и до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор поради ризик од бегство на осомничениот, опасност да влијае врз жртвата во текот на постапката и опасност од повторување на делото

Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истражна постапка против 28-годишен маж од Гостивар, вработен во основно училиште, под сомнение за сторени две кривични дела врз 14-годишно девојче.
Осомничениот се товари за силување дете кое не наполнило 15 години и злоупотреба на туѓа снимка со сексуално експлицитна содржина.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот најпрво ја навел жртвата да му испрати свои фотографии и видеа со експлицитна содржина. Потоа, користејќи ги материјалите како средство за уцена, ја принудил да се сретнат.
Детето жртва прифатило да се сретнат и тој ја однел во куќа во околината на Гостивар, каде што извршил обљуба. За ова дело е предвидена минимална затворска казна од осум години.
Осомничениот се обидел повторно да ја уцени жртвата за нова средба во текот на овој месец. Откако девојчето одбило, тој ги објавил фотографиите и видеото на социјална мрежа правејќи ги достапни за јавноста.
Со овој чин, тој го сторил и делото злоупотреба на туѓа снимка, кое е воведено во февруари годинава, а за кое е предвидена затворска казна од три до 10 години.
Надлежниот јавен обвинител оценил дека се исполнети сите законски услови и до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор поради ризик од бегство на осомничениот, опасност да влијае врз жртвата во текот на постапката и опасност од повторување на делото.
За случајот вчера информираа од Министерството за внатрешни работи од каде што рекоа дека е приведен 29-годишен маж со иницијали Т.Б. од гостиварското село Здуње, под сомнение за тешко кривично дело кое вклучува сексуално насилство и уцена на малолетно лице.
