Западните земји, предводени од САД и Израел, непријатели на Иран, го обвинуваат Техеран дека се стреми да развие нуклеарно оружје. Техеран негира дека има такви воени амбиции, но инсистира на своето право да користи нуклеарна енергија за цивилни цели според НПТ

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багеи денеска изјави дека иранскиот парламент подготвува закон за напуштање на договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ) додавајќи дека Техеран и натаму се противи на развојот на оружје за масовно уништување.
Тајната програма за збогатување ураниум на Иран беше откриена во 2002 година, што предизвика загриженост дека земјата се обидува да развие нуклеарна бомба кршејќи ги своите обврски според НПТ, што Техеран го негира.
Западните земји, предводени од САД и Израел, непријатели на Иран, го обвинуваат Техеран дека се стреми да развие нуклеарно оружје. Техеран негира дека има такви воени амбиции, но инсистира на своето право да користи нуклеарна енергија за цивилни цели според НПТ.
Меѓутоа, Иран е единствената земја без нуклеарно оружје, а која збогатува ураниум до високо ниво од 60 проценти, според МААЕ.
Нуклеарните разговори меѓу Иран и САД закажани за в недела во главниот град на Оман, Мускат, беа откажани откако Израел ја започна операцијата „Подемот на лавот“ во петокот наутро со ненадеен напад со кој елиминираше дел од военото раководство на Иран и оштети нуклеарни постројки.
Израел изјави дека кампањата ќе се интензивира во наредните денови, а Иран вети дека ќе ги отвори портите на пеколот како одмазда.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, изјави дека неговата влада не гледа смисла во продолжувањето на преговорите по големиот напад врз нуклеарните постројки на Иран.
Иран во понеделникот ја повика Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да го осуди Израел по нападот врз нејзините нуклеарни постројки.
„Мировните нуклеарни постројки на земјата кои беа под постојан надзор на МААЕ беа нападнати. Очекуваме (агенцијата и нејзиниот раководител Рафаел Гроси) да заземат цврст став со кој ќе го осудат овој чин за време на вонредниот состанок денес“,
изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи.