Европските министри бараат од Иран да почне преговори за својата нуклеарна програма без да чека да запрат израелските воздушни напади

Иран е подготвен да бара дипломатско решение за воениот судир со Израел, но само под услов „агресијата да запре“, рече денеска иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи по тричасовниот состанок во Женева со шефовите на дипломатиите на Франција, Германија, Велика Британија и на Европската унија.
Двете држави веќе една недела разменуваат ракетни напади, откако Израел прв го нападна Иран на 13 јуни, бомбардирајќи цели поврзани со нуклеарната програма на земјата.
Во обид да се даде шанса на дипломатијата за да не се разгори конфликтот, министрите за надворешни работи на три европски земји денеска одржаа долги разговори со нивниот ирански колега, кој по средбата изјави дека е подготвен да ги продолжи разговорите во оваа насока, пишува „Гардијан“.
„Иран е подготвен да ја разгледа дипломатијата како решение, но само ако агресијата запре и ако агресорот е казнет за злосторствата што ги изврши. Го поддржуваме продолжувањето на дискусиите и изразуваме подготвеност да се сретнеме повторно во блиска иднина“,
рече Арагчи.
Европските министри, пак, се додава во написот на „Гардијан“, бараат од Иран да почне преговори за својата нуклеарна програма без да чека да запрат израелските воздушни напади.
„Побаравме од иранскиот министер да ја разгледа можноста за преговори со сите страни, вклучително и со Соединетите американски држави, без да чека да запрат нападите, на што исто така се надеваме“,
рече францускиот министер Жан-Ноел Баро.
Баро додаде дека е „илузорно и опасно“ да се разгледува можноста за промена на режимот во Иран однадвор, и дека луѓето од земјата треба да одлучат за својата судбина. Тој ја даде оваа изјава откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не ја исклучи можноста да се изврши атентат врз врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Камнеи.
Тројцата европски министри што присуствувале на состанокот изразиле подготвеност да ги продолжат разговорите со Иран. По денешната средба тие не одговориле дали бил постигнат видлив напредок.
Германскиот шеф на дипломатијата Јохан Вадефул рекол дека е важно и САД да се вклучат во понатамошните разговори за да се најде решение за конфликтот. Британскиот министер Лами имаше слична изјава, додавајќи дека Обединетото кралство барало Иран да продолжи со разговорите со САД. Лами исто така нагласил дека на Иран не смее да му се дозволи да поседува нуклеарно оружје.