Царовска вели дека Комисијата за ревизија формирана во МОН утврдила дека во процесот на одобрување на т.н. кембриџ-учебници имало книги кои иако имале повисоки поени не добиле одобрение за употреба, додека други учебници добиле такви решенија иако имале пониски оценки
Министерството за образование и наука ќе достави материјали и заклучоци до Основното јавно обвинителство за целиот процес на воведување и избор на т.н. кембриџ-учебници во основното образование, најавува министерката Мила Царовска во интервју за „360 степени“.
Царовска вели дека по неуспешниот старт на годинешниот откуп на учебниците, МОН формирало комисија за ревизија на постапките за одобрување на адаптираните учебници од странство и решенијата за продолжување на важноста на одобренијата за употреба на учебниците, а заклучоците вели дека ќе бидат доставени до истражните органи.
Царовска посочи дека комисијата ги прочешлала записниците од постапките за одобрувањето на учебниците и утврдила дека во одредени случаи имало книги кои иако имале повисоки поени не добиле одобрение за употреба, наспроти други учебници кои добиле такви решенија иако имале пониски оценки.
Постапката за годинешниот откуп на учебниците, пак, Царовска вели дека ќе биде повторена наредната недела со цел да се најде компромис со издавачите и да се обезбедат учебници за основците. Процесот годинава заглави откако МОН им побара на издавачите да достават доказ за авторски права и формула по која ја формираат цената за учебниците, нешто што издавачките куќи тврдат дека неосновано им се бара во овој дел од постапката и дека авторските права еднаш ги докажале во постапката на одобрување на учебниците.