Институтот за кардиоваскуларни заболувања „Дедиње“ набавил од брзите тестови за детектирање антитела на ковид-19 од марката „биозек“, за кои всушност се покажа дека не се од холандско производство, туку се произведени во Кина, а дискутабилен е и нивниот квалитет.
Институтот „Дедиње“ ги набавил тестовите од македонската приватна компанија „Систина фармација“, пишува српски „Крик“, како продолжение на истражувањето на лошите кинески тестови, кое го објавија повеќе меѓународни истражувачки новинари на ОЦЦРП и истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) од Македонија.
Мрежата за истражување на криминал и корупција од Србија (Крик) во денешниот текст пишуваат дека директорот на белградскиот Институт за кардиоваскуларни заболувања „Дедиње“, Милован Бојиќ, набавил брзи тестови од Северна Македонија од компанија на човек кој е под истрага за перење пари, изнуда и злосторничко здружување.
Во Институтот „Дедиње“, најмалку 80 лица беа заразени со коронавирусот, и до ден денес никој нема утврдено како се случило ширењето на инфекцијата во оваа државна институција која се грижи за најтешките срцеви пациенти.
„По ширењето на вирусот во Институтот, Милован Бојиќ порачал дека ќе започне со тестирање на сите што влегуваат во болницата. По два дена, институтот со кој раководи, купил 300 теста за коронавирус ’биозек’ од приватна компанија ‘Систина фармација’ од Северна Македонија, пишува во фактурата до која дојдоа новинарите на ОЦЦРП, додавајќи дека овие тестови се рекламираат низ целиот свет дека се произведени во Холандија, за откривање на вирусот, а Институтот ’Дедиње‘ ги купил за 3 000 евра“,
се наведува во истражувањето.

Според „Крик“, проблемот е во тоа што овие тестови не се сигурни во откривање на коронавирус, лажно се рекламираат како холандски производ, а компанијата од која ги купил Бојиќ е во сопственост на македонски бизнисмен, кој е под истрага за криминал.
„Приватната компанија „Систина фармација“ во Скопје, од која Институтот ‘Дедиње’ ги набавил овие тестови, е дел од семејната компанија на еден од најбогатите македонски бизнисмени, Јордан Камчев, кој е под истрага за перење пари, изнуда и злосторничко здружување. Камчев е познат по аферата ’Рекет‘, во која е и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и поранешната ѕвезда од реални шоуа, Бојан Јовановски, попознат како Боки 13“,
пишува Крик.
Тестовите „биозек“ пристигнати се на Институтот „Дедиње“ на 9 април. Бојиќ на новинарите на Крик им изјави дека тие биле користени како помошно средство, а не како тестови што можат да го утврдат присуството на вирусот, наведувајќи дека тестирањето е направено само во итни случаи, со цел да се спречат пациентите позитивни за овој вирус да доаѓаат во установата. Тој исто така тврди дека Институтот не платил за тестовите.

„Иако фактурата е издадена од Институтот ’Дедиње‘, Бојиќ вели дека тестовите биле донирани и дека фактурата ја платил спонзорот – чие име не го открил. Комплетната документација – писмо со намери, договорот за донација и брзата исплата е во Институтот, но увид во тие документи Бојиќ не им дозволил на новинарите“,
пишува Крик.
Бојиќ инаку бил член на ЈУЛ на Мирјана Марковиќ, сопруга на тогашниот претседател Слободан Милошевиќ, пратеник во 1997 година, а три години подоцна министер за здравство.
Во 2005 година Бојиќ завршува на обвинителна клупа, под сомнение дека, како директор на „Дедиње“, во периодот од 1995 до 2000 година, го оштетил институтот за 200 илјади германски марки, поради што бил на суд. Во април 2012 година, тој беше осуден на 10 месеци затвор, а во октомври 2015 година, тој е правно ослободен.
Бојиќ повторно е во собраниската клупа кон средината на 2016 година, како пратеник на Српската радикална партија и член на тимот лекари на нејзиниот лидер Воислав Шешељ кога го посетувал во Хаг, каде што беше суден пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија за злосторства против човештвото. Тој учествуваше со Шешељ во неговата претседателска кампања пролетта 2017 година.
Неколку месеци подоцна, по предлог на Министерството за здравство, Бојиќ дојде повторно да го предводи Институтот „Дедиње“.
