Во случај да се утврди прекршување на одлуките, од Државниот пазарен инспекторат велат дека ќе следуваат казни кои произлегуваат од Законот за трговија и кои изнесуваат од 800 до 10 000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор
Од утре пазарните инспектори ќе бидат на терен и ќе проверуваат дали трговците ги намалиле цените на тестенините и млекото и млечните производи.
„Одлуките на Владата за намалување на цените на тестенините и млечните производи се донесоа пред речиси една седмица, а од утре веќе и официјално стапуваат во сила, и трговците до сега требаше да ги усогласат цените според Одлуките на Владата. Од утре инспекторите ќе бидат на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со Одлуките. Инспекторите ќе постапуваат во рамки на нивните надлежности кои произлегуваат од Одлуките, а согласно тоа и според Законот за трговија. Станува збор за искусни професионалци, со долгогодишно работно искуство во сферата на пазарната инспекција, што значи дека сме апсолутно подготвени да се соочиме и со овој предизвик“,
информираат од ДПИ.
Контролите, како што соопштуваат оттаму, ќе се вршат на неварени тестенини, неполнети ниту поинаку приготвени, што не содржат обично пченично брашно или гриз, без додаток на јајца и чија цена треба да се намали за 15 отсто. Инспекторите ќе проверуваат и дали за 10 отсто се намалени цените на трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан, кисело млеко, павлака и јогурт кој е без додатоци.
За оние трговци што нема да ги почитуваат одлуките на Владата инспекторите ќе постапуваат согласно Законот за трговија.
„Во случај да се утврди прекршување на Одлуките ќе следат казни кои произлегуваат од Законот за трговија. Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10 000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор“,
додаваат од ДПИ и напоменуваат дека тие ќе постапуваат исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуките, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и на мало.
Оттаму, исто така, упатија апел до граѓаните доколку забележат неправилности веднаш да пријават во пазарниот инспекторат за да, во време на економска криза, се спречи личното профитерство и злоупотреба.
Денеска од Министерството за економија рекоа дека очекуваат стопанствениците во државата ќе бидат солидарни, да ги почитуваат одлуките на Владата и да не дозволат кризата да биде само на грбот на граѓаните. Очекувањата на министерот Крешник Бектеши се дека пред утрешното стапување во сила на замрзнатите цени на дел од тестенините и млекото и млечните производи, производителите и трговците ќе ги поевтинат производите како што е предвидено.
Владата донесе одлука и им даде рок од речиси една недела, односно до 16 март, на трговците и производителите да ги намалат цените на тестенините и на млечните производи за 15, односно 10 отсто.
Одлуката ќе се применува од 16 март 2023 година до 31 мај 2023 година.