Во периодот од 22 до 26 април шесте државни инспекторати спровеле 2 273 инспекциски надзори, од кои 1400 извршил Државниот пазарен инспекторат, објави на денешната прес-конференција претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Надзорот на Пазарниот инспекторат бил направен во маркети, аптеки, банки, пошти и бензински пумпи, а инспекторите проверувале дали се почитуваат редот и дисциплината за носење маски, соодветно растојание, како и дали се почитува владината одлука за замрзнување на цените. Најголем дел од деловните субјекти, како што рече, ги почитуваат владините мерки, но во наведениот период биле затворени 9 угостителски објекти во Тетово и во Гостивар, запечатени биле 18 кафемати во Скопје и во Тетово, во 8 објекти во Охрид не се носеле маски и 4 маркети не ја почитувале уредбата за цените.
Во истиот период Агенцијата за храна спровела 201 надзор, Инспекторатот за труд 437 контроли, поднел една кривична и 10 решенија и 28 укажувања за компании што не ги почитувале мерките за платено отсуство на родители кои чуваат дете до 10 години.
Сите контроли и надзори имаат двојна функција, порача Филиповска-Грашкоска, да се заштитат граѓаните и да се следи примената на владините мерки за заштита од коронавирусот.