Државниот инспекторат за животна средина -Скопје (ДИЖС) чека резултати од акредитирана за евентуално да открие зошто Вардар поцрвене на денот на изборите, 15 јули. ДИЖС добиле дојава за екоинцидент во реката со црвена боја, во близина на Бетонската база -Бетон.
„Отпадната вода од колекторот која се влива во река Вардар беше со видлива црвена боја. Поради овој факт веднаш се земени мостри од отпадната вода што излегува од колекторот за хемиска анализа. Земените мостри се однесени во акредитирана лабараторија и е во тек нивно испитување“,
соопштија денеска од ДИЖС.
Извршен е и вонреден инспекциски надзор кај правниот субјект Либерти АД-Скопје,ул.16 Македонска бригада б.б.и е утврдено дека во момент на надзорот погонот Лужилница не бил во работен режим,односно производниот процес бил целосно сопрен.
„Погонот е запрен со работа на ден 10.07.2020 година во вечерните часови.При увид во пречистителната станица утврдено е дека во истата доаѓа отпадна вода од Погон за пластифицирање на лим,и од пречистителната станица истекуваа 210 литри/час отпадна вода која е безбојна“,
се појаснува во соопштението од ДИЖС.
Од ДИЖС информираат дека е извршен и визуелен увид и во пречистителната станица на Макстил АД-Скопје,и од истата истекувала безбојна отпадна вода од 100 м3/час. Нема забележано појава на истекување на црвена отпадна вода, се наведува во соопштението од ДИЖС.
Инаку, ниту Либерти АД Скопје ниту Макстил АД немаат пријавено било каков инцидент или хаварија во нивните погони, а при увидот во нивните пречистителните станици не е забележано обојување на отпадните води.