Државниот инспекторат за животна средина инфомира дека нема основа за понатамошно продолжување на инспекциската постапка
Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) денеска преку соопштение информира дека вонредниот инспекциски надзор на реката Вардар покажал дека обојувањето на водите кое беше забележано на денот на изборите, најверојатно настанало од ‘рѓа.
„Од страна на Центарот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје се добиени податоци на 21 јули 2020 од хемиското тестирање од примерокот кој има талог со портокалова боја за pH, железо, манган, ХПК (бихромат), БПК за пет дена, нитрати, сулфати, хлориди, суспендиран материјал и електрична спроводливост. Може да се каже дека PH вредноста на водата е неутрална со вредност од 7.08, има зголемување на суспендирани материи кои претставуваат неутрализиран талог кој содржи железен хидроксид кои доведуваат до обојување на водата. Исто така, електро спроводливоста на водата е со минимално зголемување кое не е штетно по живиот свет во водата. Се претпоставува дека обојувањето на водата е предизвикано при испирање на површина која содржи примеси на метали (‘рѓа) со чиста вода“,
се вели во соопштението.
Од ДИЖС посочуваат дека на 15 овој месец, кога била добиена дојавата за екоинцидент, извршени се два вонредни инспекциски надзори во комплексот поранешна Железара, кај правни субјекти кои имаат отпадни води од технолошки процес и се носители на А-Интегрирани еколошки дозволи, Либерти и Макстил.
Анализите покажале дека нивните отпадни води се безбојни.
„Кај правниот субјект Либерти АД-Скопје (поранешен Арцелор Митал),. е утврдено дека во моментот на вонредниот инспекциски надзор погонот Лужилница не беше во работен режим, односно производниот процес беше целосно сопрен. Погонот не е во работен процес, почнувајќи од 10 јули во вечерните часови. При увидот во пречистителната станица утврдено е дека во истата доаѓа отпадна вода од Погон за пластифицирање на лим и од пречистителната станица истекуваше отпадна вода која беше видливо безбојна. Извршен е визуелен увид и во пречистителната станица на Макстил АД-Скопје и забележано е дека истекува видливо безбојна отпадна вода. Од извршените вонредни инспекциски надзори и кај двата погоре споменати субјекти, како што се наведува, нема забележано појава на истекување на портокалова отпадна вода. Кај правниот субјект Макстил реализирани се хемиски анализи од страна на РЖ Техничка контрола, и тоа вонредна за 15 јули и редовни согласно условите од дозволата за период 14-20 јули. Анализите не покажуваат зголемување на вредностите на pH и железо согласно условите наведени во дозволата“,
се вели во соопштението.
Од ДИЖС посочуваат дека во главниот колектор во индустрискиот комплекс Железара се влеваат фекални води од сите постоечки компании и фирми во кругот на поранешната фабрика Железара преку посебна фекална канализација, атмосферски води од покривните конструкции од објектите, кои се вливаат дел преку фекалната канализација и дел преку посебната атмосферска канализација.
„Во главниот колектор преку канализациони приклучоци се вливаат води и од градската канализација од населбите Бутел, Железара, П.З.У Ре-Медика и Ј.З.О Здравствена станица Железара. Надвор од индустрискиот комплекс по трасата на колектор кон реката Вардар со канализациски приклучоци се вливаат и води од поодделни фирми и тоа: поранешна објекти од Годел-Кожара, Тинекс, Сепарација на Бетон, ЕМУЦ, АСУЦ, приватни фирми, семејни куќи и други корисници. Сите води преку колекторот се испуштаат во реката Вардар. Дел од овие субјекти се во надлежност на инспектирање од страна на ДИЖС (лоцирани во комплекс Железара, дел немаат отпадни води од технолошки процес како на пример двете асфалтни бази Бауер и ЈП „Улици и патишта“, Скопски легури повеќе години не е во работен процес, ЕСМ-Енергетика не е во функција, завршена е грејната сезона), согласно Законот за животна средина, а најголемиот дел се во надлежност на инспектирање на инспекциските служби од Град Скопје и од Општина Гази Баба“,
се вели во соопштението.
Од таму посочуваат дека по добиени дојави за загадување редовно постапуваат на терен, но „не одговара за веродостојноста на видео-материјалите објавени на социјалните мрежи“.
Инаку, на истото место и лани водата беше загадена и обоена во темно портокалова боја. Инспекторите тогаш утврдија дека загадувањето е предизвикано од погоните на компанијата „Арцелор Митал“ откако се излеала материја измешана со железо и киселина без соодветно да биде третирана во системот за отпадни води.