Црвеникавокафена боја е водата во Вардар, во близина на Долно Лисиче. Според фотографиите објавени на Фејсбук, инспектори на Град Скопје во соработка со Државниот инспекторат на животна средина излегле на терен за да земат примероци. Од инспекторатот најавија поригорозни казни ако се утврди дека станува збор за истиот загадувач.
„Во координација со директорот на ДИЖС испратени се инспектори на терен. Ќе се земат урнеци од водата и доколку се работи за истиот сторител од минатиот пат овој пат казната ќе биде многу поригорозна. Минатиот пат правниот субјект беше казнет со 100 000 евра“,
пишува на страницата на Инспекторатот на Град Скопје.
На истото место и лани водата беше загадена и обоена во црвена боја. Инспекторите тогаш утврдија дека загадувањето е предизвикано од погоните на компанијата „Арцелор Митал“ откако се излеала материја измешана со железо и киселина без соодветно да биде третирана во системот за отпадни води.