Државниот инспектор за заштита на животната средина во врска со загадувањето на Вардар кај Долно Лисиче, при што водата имаше црвена боја, денеска соопшти дека при увидот во правниот субјект Либерти АД Скопје и Макстил Скопје утврдено е дека од пречистителните станица кај двете фабрики истекува безбојна вода.
Увидот во двете фабрики следи откако вчера било пријавено дека водата во Вардар кај Бетонската база – Бетон е црвена, нешто што беше случај и лани, при што беше утврден и загадувачот кој беше казнет.
Од Инспекторатот како што беше соопштено вчера се земени мостри кои се предадени на испитување во акредитирана лабораторија.
Мострите се од отпадната вода што излегува од колекторот за хемиска анализа, а извршени се и визуелни увиди во Либерти АД Скопје и во Макстил-Скопје. Притоа, утврдено е дека погонот Лужилница не работел, односно производниот процес бил целосно сопрен од 10 овој месец во вечерните часови, а отпадната вода од Погонот за пластифицирање на лим, и дека од пречистителната станица истекувале 210 литри/час отпадна вода која е безбојна.
И при визуелен увид и во пречистителната станица на Макстил АД-Скопје, е утврдено дека истекува безбојна отпадна вода од 100 м3/час.
„Значи, од извршените увиди и кај двата погоре споменати субјекти нема забележано појава на истекување на црвена отпадна вода“,
констатира државниот инспектор за животна средина.
Вчера од Инспекторатот на Град Скопје исто така сооптија дека се земени примероци од Вардар и најавија дека доколку се работи за истиот загадувач о д лани ќе има многу построги казни.
На истото место и лани водата беше загадена и обоена во црвена боја. Инспекторите тогаш утврдија дека загадувањето е предизвикано од погоните на компанијата „Арцелор Митал“ откако се излеала материја измешана со железо и киселина без соодветно да биде третирана во системот за отпадни води.