Во апсолутни бројки, по обработени над 99 отсто од избирачите, на парламентарните избори гласаа 997 596 избирачи, од кои 137 486 гласачи ѝ дадоа доверба на коалицијата предводена од ДУИ. На претседателските избори, пак, гласаа 859 951 избирачи. Тоа значи дека изборот на претседател го бојкотирале 137 645 гласачи, бројка која, случајно или не, е речиси идентична со гласовите за ДУИ на парламентарните избори
Гледајќи по општини, секаде нема толку директно совпаѓање меѓу бројот на гласови за ДУИ на парламентарните избори и бројот на гласачи кои ги бојкотирале претседателските. Но, според податоците од ДИК, јасно е дека излезеноста на претседателските избори во однос на парламентарните била значително помала во општините со доминантно албанско население
Во Македонија вчера се одржаа претседателски и парламентарни избори на кои убедлива победа однесоа ВМРО-ДПМНЕ и претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова. Според последните податоци објавени од Државната изборна комисија, по пребројани 99,27% од избирачите, ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички мандати, по неа Коалицијата предводена од ДУИ освои 19 мандати, коалицијата околу СДСМ – 18, „Вреди“ – 13 и Левица и ЗНАМ освоија по шест пратенички мандати.
На претседателските избори, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, победи со повеќе од 300 илјади гласа предност пред нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски, кој беше поддржан од СДСМ. Или во вториот круг од претседателските избори гласаа вкупно 859 951 гласачи, од кои Силјановска-Давкова освои 560 170 гласа (65,14 отсто), Пендаровски 251 541 гласа (29,25 отсто), додека 48 237 ливчиња беа неважечки.
Во текот на изборниот ден, очигледен беше тивкиот бојкот на претседателските избори и тоа особено во општините со доминантно албанско население, поради што се поставуваше прашањето дали ќе се надмине цензусот од 40 отсто одзив за изборите да бидат успешни. При објавувањето на пресекот за излезеноста до 17 часот стана јасно дека цензусот е на дофат, а во 18:30 часот се потврди дека дефинитивно е така и дека земјава ќе добие нов шеф на државата.
Денеска, последните податоци на ДИК, од обработени 99,82 отсто од избирачите, покажуваат дека излезеноста на претседателските избори била 47,48 отсто. На парламентарните, пак, од обработени 99,27 отсто од избирачите, излезеноста на изборите била 55,36 отсто, што е очигледна разлика и укажува на бојкот на претседателските избори. Во апсолутни бројки, таа разлика е 137 645 гласачи кои го оствариле правото на парламентарните, но одбиле да земат ливче за претседателските избори.
Општините со доминантно албанско население со слаба излезеност на претседателските избори
Гледајќи по општини, според последните податоци на ДИК, може да се забележи дека излезеноста на претседателските избори, во однос на парламентарните била значително помала во општините со доминантно албанско население. Разликата некаде е речиси двојна, па и поголема.
На пример, во општина Арачиново, излезеноста на претседателските избори била 16,8 отсто, а на парламентарните 43,45 отсто. Најмала излезеност на претседателските избори имало во општина Липково, само 7,57 отсто. Тука, за парламентарните избори, на гласање излегле 43,83 отсто од избирачите.
Мала излезеност на претседателските избори имало и во општините Боговиње – 12,26%, Врапчиште – 11,68% и Пласница – 18,05%. Во овие општини, излезеноста на парламентарните избори била двојно поголема, во Боговиње – 37,38% и Врапчиште – 31,22%, а во Пласница – 28,68 отсто.
Во Гостивар излезеноста на претседателските избори била 26,22 отсто, а на парламентарните – 39,71 отсто. Во Дебар на претседателските избори излегле да гласаат 24,33 отсто од избирачите, а на парламентарните – 38,09 отсто.
Во продолжение погледнете ја излезеноста на претседателските и на парламентарните избори и во други општини со доминантно албанско население.
ДУИ заговараше тивок бојкот на претседателските избори
Впечатлив е фактот што на ниво на цела држава, на парламентарните избори за ДУИ гласаа 137 486 гласачи, според пребројани 99,27% од избирачите. А бројот на гласачи кои ги бојкотираа претседателските избори е 137 645, што е речиси идентично со бројот на гласови кои ги добија ДУИ и партнерите на парламентарните избори. Сепак, не може да се заклучи дека сите гласачи на ДУИ ги бојкотирале претседателските избори. Има општини во кои ДУИ има помалку гласови на парламентарните избори, отколку што има гласачи кои ги бојкотирале претседателските избори.
Сепак, главна индикација дека главно ДУИ стои зад тивкиот бојкот на претседателските избори е вицепремиерот Артан Груби. Тој, вчера, во текот на гласањето, на своите поддржувачи индиректно им испрати порака да не се гласа на претседателските избори. Груби на својот фејсбук-профил се вклучи во живо во моментот на пристигнување на избирачкото место во ООУ „Петар Здравковски Пенко“ во скопски Чаир. По проверката на податоци, прашан од членовите на избирачкиот одбор дали ќе гласа за парламентарните избори и за вториот круг од претседателските избори, јасно се слушна, а потоа и се виде, дека тој го бара и го зема само гласачкото ливче за изборите за пратеници.
Портпаролот на изборниот штаб на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, Арбер Адеми, на синоќешната прес-конференција, по затворањето на гласачките места, прашан дали тоа што ДУИ отворено не ги повикала своите поддржувачи да гласаат на вториот круг од претседателските избори може да се протолкува како тивок бојкот, во контекст на помалата излезеност на претседателските во однос на парламентарните избори, изјави дека ги оставиле нивните поддржувачи по сопствено убедување да одлучат како ќе се однесуваат на претседателските избори.
„Ако направите споредба помеѓу излезеноста на парламентарните и на претседателските избори може да се констатира дека има една мала разлика, но не до тој степен што би се одразило на фактичката состојба на нашите поддржувачи во однос на изборите на 24 април“,
рече тој.
Адеми додаде дека имало поддржувачи на „Европскиот фронт“ што гласале на претседателските избори. Такви, како што рече, биле и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, техничкиот премиер Талат Џафери, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Претседателот (на партијата н.з.) Али Ахмети гласаше денеска, премиерот Талат Џафери гласаше денеска, министерот за надворешни работи гласаше денеска, така што граѓаните по слободно убедување одлучиле дали да гласаат или да не гласаат“,
изјави Адеми.
Пендаровски и Силјановска со забелешки за бојкотот
На бојкотот на претседателските избори синоќа во своите обраќања се осврнаа и претседателските кандидати Пендаровски и Силјановска-Давкова. Пендаровски виновникот директно го посочи во албанскиот политички блок, односно ДУИ и коалицијата „Вреди“, а Силјановска-Давкова рече дека имало обид за бојкот и обид да се одземе правото на гласачите да гласаат.
Признавајќи го изборниот пораз и честитајќи им ја победата на политичките конкуренти, Пендаровски нагласи дека неговата совест е чиста, но изрази сомнеж дали е чиста совеста на оние кои, како што рече, тргнувајќи од теснопартиски и лични политички интереси на систематски и организиран начин, спречија илјадници граѓани да го земат второто гласачко ливче и да гласаат и на претседателските избори.
„Според онаа првична анализа што ја направивме, не ги добив гласовите и од албанската опозиција бидејќи тие имаа сличен пристап кон своите гласачи. Неколкумина видни функционери гласаа и земаа две ливчиња, но според она што јас го имам како информација е дека најголемиот дел и од нивните гласачи, калкулирајќи дека утре ќе се најдат во идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, постапија многу слично на гласачите на ДУИ“,
рече Пендаровски.
Силјановска во својот говор, честитајќи им на граѓаните за отпорноста на притисоците, ја поздрави одлуката на нејзиниот противкандидат да ја критикува одлуката за бојкот, истакнувајќи дека во неа има елементи на државничко однесување.
„Најголемата честитка е до граѓаните затоа што покажаа граѓански имунитет, граѓанска отпорност на притисоците, оти да повикувате на бојкот е партиски и политички притисок. Немав многу време да го следам говорот на Пендаровски, но фатив неколку инсерти. Мислам дека критиката на бојкотот и на обидот да се киднапира избирачкото право и да се супституираат граѓаните, да се диригира нивното избирачко право е добра констатација. Таквата оценка има во себе елемент на државнички однос нешто што не беше многу присутно во овие 30 години во Македонија“,
истакна Силјановска.
Со синоќешната победа на претседателските избори, Силјановска-Давкова стана првата жена претседател на Македонија. Седницата за инаугурација на новиот шеф на државата треба да се одржи до 12 мај, кога истекува мандатот на Пендаровски.