Седум партии ќе влезат во Народното собрание според првите проекции на бугарските агенции, јавува БТВ.
И двете анкети, на „Алфа рисрч“ и на „Маркет линк“ покажуваат дека ГЕРБ на Бојко Борисов ќе освои 25,5 отсто од гласовите на предвремените парламентарни избори во Бугарија.
Во двете излезни анкети, разликата помеѓу процентите е многу мала. И овие анкети обично се поклопуваат со официјалните резултати.
Според анкетата на „Алфа рисрч“, Коалицијата ГЕРБ-СДС ќе освои 25,5 отсто од гласовите, втора ќе биде Продолжуваме со промените на Кирил Петков со 19,9 проценти. Потоа следуваат ДПС со 14,4 отсто, БСП со 10,2 проценти, популистичката Взраждане со 10 отсто, Демократска Бугарија со 7,9 отсто и Има таков народ на Слави Трифонов со 4,2 проценти.
Слични се и податоците на „Маркет линк“, а распоредот на сили е ист. И тука коалицијата ГЕРБ-СДС е прва со 25,5 отсто, а Продолжуваме со промените на Кирил Петков втора со 18,4 проценти. Потоа следуваат ДПС со 12,6 отсто, БСП со 11,2 проценти, Взраждане со 10,4 отсто, Демократска Бугарија со 9 проценти и Има таков народ со 4,2 проценти.