Пациентката од село Татеши немала упат, ниту на хартија, ниту во електронска форма, пишува во реакцијата што стигна до „360 степени“
Во случајот со починатата пациентка од Струшко е постапено согласно со алгоритамот што го достави Министерството за здравство, тврдат од Инфективното одделение на Охридската болница, во реакција испратена до нашата редакција. Оттаму, исто така, наведуваат дека пациентката немала упат, ниту на хартија, ниту во електронска форма.
Откако денеска беше именуван нов директор на болницата во Охрид, а министерот за здравство Венко Филипче рече дека се сомнева во одредени пропусти при третманот на 66-годишната пациентка, до редакцијата на „360 степени“ стигна реакција испратена од адреса infektivnooddelenieohrid@gmail.com. Иако не можевме да утврдиме кој точно го испраќа соопштението, кое не е потпишано, решивме да го објавиме .
„Во врска со починатиот пациент од село Татеши – Струга, како и наводите во медиумите дадени од страна на директорката на ЈЗУ Охрид, Инфективното одделение Охрид се произнесува за следното:
се наведува во реакцијата.
За пациентот прв пат се добија информации од страна на епидемиологот, кој преку телефонски контакт со матичен лекар од Струга, добил инфомација дека пациентот кој бил во самоизлоација повремено кашлала и има температура, па затоа и бил закажан брис на грло преку ‘Мој термин’ за 26.03.2020 година во Болницата во Струга. Од Министерството за здравство имаме добиено алгоритми за работа со пациенти, што нашето Одделение ги почитува во целост. Бидејќи се работело за пациент кој бил во контакт со потврден случај од Дебар за ковид–19 и во овој сличај е постапено во целост согласно алгоритамот и е побарано да биде извршено тестирање од чии резултати ќе зависи понатамошнотото постапување“,
До Инфективното одделение, како што се наведува, до денеска не е доставен упат за пациентот што, како што пишува во дописот, може да се провери на ситемот „Мој термин“, додека истиот ден од Болницата во Струга, од интерно одделение, со брза помош се пратени две пациентки со уреден упат и со пропратна документација, кои потоа, согласно алгоритмот на Министерството за здравство, биле препратени до Клиника за инфективни болести во Скопје.
Инфективното одделение во Охрид, како што се тврди, не исполнува услови да се третираат тешки пациенти, односно пациенти со компликации. Затоа такви пациенти се препраќале во Клиниката за инфективнин болести во Скопје.
„Имајки предвид дека пациентката била во Болницата во Струга на 26 март за да и биде земен брис од Регионалниот центар за брисеви – Струга, поминала низ дел од Здравствениот дом во Струга, а контактирала и со медицинскиот персонал, па може да се заклучи дека била во стабилна состојба, дошла во придружба на нејзиниот сопруг и заедно се вратиле. Ако пациентката била во критична состојба или самата ќе побарала помош или пак од страна на медицинскиот персонал во Струга немала да биде пуштена, односно би била задржана во болничките простории или пак упатена до Инфективното одделение. Во моментот кога пациентот дојде до нашиот оддел во придружба со други лица беше исто така во добра општа состојба и самата одеше. Истакнуваме дека истата беше донесена со приватно возило, а не со возило на Брза помош, нити пак со придружба на возило од МВР, имајќи предвид дека била особа во самоизолација, изложувајки и други лица на ризик да бидат заболени совирусот. Бидејќи немаше упат, ниту во хартиена, ниту во електронска форма, согласно алгоритамот за постапување со пациенти од ваков тип, на истата и беше укажано дека ќе мора да ги причека резултатите од тестот, па потоа да биде постапено согласно резултатите,“
стои во реакцијата.
Понатаму се посочува дека на пациентката и се влошила состојбата на 26 март во попладневните часови и нејзиниот матичен лекар и посочил да оди на Инфективното одделение во Охрид, но без упат. Следниот ден, како што се тврди, пациентката воопшто не се јавила на ова одделение.
„Во тој момент на одделението веќе имаше лежечки пациенти со друга етиологија кои не беа одстранети, а воедно нашето одделение нема услови за третирање пациенти со потешка клиничка слика од ковид-19, односно одделението има само еден влез – и за персонал и за пациенти, па се поставува прашањето кој ќе беше ризикот по останатите пациенти кои не боледуваат од ковид -19 и кој ќе беше ризикот по вработените. А, како најважно, чија ќе беше одговорноста доколку вирусот се проширеше по другите болни и персоналот, имајки предвид дека во таков случај Инфективното одделение во Охрид ќе ги имаше прекршено препораките и алгоритмите на Министерството за здравство и кои ќе беа последиците и колкав кластер на новозаболени ќе имавме на оваа територија. Од наша страна, за состојбата на одделението неколкукратно е реагирано до Управата на Општа болница – Охрид, како и до самото ресорно Министерство во однос на недостигот на кадар и опрема. Меѓутоа, до денешен ден, од страна на надлежните органи, не се дадени никакви напатствија за постапување со пациентите ниту пак е испратен дополнителен кадар или опрема за справување со ваквата состојба“,
пишува во реакцијата.
Понатаму, стои во известувањето дека Инфективното одделение во Охрид, редовно постапува со сите пациенти кај кои постои сомнение или пак е утврдена зараза со коронавирус, како и со сите други пациенти.
„За крај, во целост ги демантираме наводите на поранешната директорка на ЈЗУ – Охрид, дадени во медиумите 30 март, во врска со тоа дека е утврдено прекршување во однос на неовозможување здравствена заштита на пациент кој побарал здравствена заштита, а се однесува на здравствен работник во Инфективното одделение кој бил на работа во времето кога пациентката е донесена на преглед, како и тоа дека за пациентката од страна на матичниот лекар бил издаден упат на 25 март. Ова од причина што до доставувањето на ова известување до медиумите од наша страна, инспекциски надзор во нашето одделение се уште не е извршен, а овие наводи е невозможно да се потврдат или отфрлат без да се утврди дали во нашиот систем постои упат или не и дали тој упат се однесувал на земање на брис или пак за лекување на инфективното одделение, како и ред други работи“,
пишува во информацијата.