Јошевска-Анастасовска е членка на Судскиот совет помалку од четири месеци, а беше избрана од Собранието на предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Иако на функцијата не е ни четири месеци, членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска-Анастасовска, во интервју за „360 степени“, прашана за можни влијанија, посочи дека веќе имало обид за такво нешто и кон неа.
Вели дека не се работело за голема интервенција, но таа проценила дека треба и веднаш го информирала претседателот на Судскиот совет за тоа.
Темата се отвори по новинарско прашање за можни влијанија од надвор во Судскиот совет, а Јошевска-Анастасовска не прецизираше од кои структури дошол, ниту за што точно се однесувал обидот.
Јошевска-Анастасовска: Не можам да негирам дека постојат обиди за влијание, еве, во овие четири месеци можам да кажам и дека кон мене имало, зборувам за обиди. Дали некој ќе потклекне под влијанието е навистина индивидуална работа.
360°: Од какви структури?
Јошевска-Анастасовска: Без оглед што тој обид беше извршен, јас решив да го пријавам соодветно… не се работи за голема работа, не се работи за нешто што е клучно…
360°: А каде го пријавивте?
Јошевска-Анастасовска: Кај претседателот и во Судскиот совет, за да знаат. Сметам дека како нов член можеби и треба однапред цврсто да се поставам за ситни вакви интервенции за да знаат дека не може… мислам дека така се проверува колку е отворена вратата.
360°: Да не Ви се смеат членовите на Судскиот совет, да викаат „видете ја Сузана…“?
Јошевска-Анастасовска: Не, не. Мислам дека сериозно се сфаќа работата и иако можеби така делува, но сериозно се сфаќа, особено можноста за влијанија треба да се сведе навистина на минимум и со тоа да покажеме интегритет и со тоа да ги подобриме перцепциите.
Јошевска-Анастасовска е членка на Судскиот совет избрана од Собранието на 12 јануари годинава на предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
