Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска за нов директор на Клиничката болница во Тетово го назначи д-р Илир Демири. Тој доаѓа од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде што работеше како координатор за Ковид-19 центарот. Демири е специјалист инфектолог кој на Инфективната клиника работи од 2004 година. Од 2007 година е асистент по предметот Инфективни болести на Медицинскиот факултет во Скопје, а во 2020 година се стекнува со титулата примариус доктор.
„Новиот директор на Клиничката болница Тетово е истакнат професионалец и еден од најпосветените здравствени работници кој се бореше против ковид-19 од самиот почеток на пандемијата. Доктор Демири е добитник на наградата ’Европска личност за 2020 година’. Оваа титула се доделува на лица кои имаат посебен придонес во афирмацијата на хумани вредности, а ја доделува Европското движење и е признание што доаѓа од страна на граѓаните“,
соопшти Министерството за здравство.
Демири е член на Македонското здружение за инфективни болести, како и на Комисијата за заразни болести.
Демири на функцијата доаѓа на местото на доскорашниот директор Плумб Вела кој минатата недела поднесе оставка од, како што наведе, лични причини.