Посочувајќи дека ваквата пресуда со која се утврдува повреда на правото на слобода не е прва, адвокатот кој го застапува Јанакиески пред судот во Стразбур изрази уверување дека нема да биде ниту последна. Тој истакна дека очекуваат набргу да има одлука по однос на притворите кои беа определни во предметот „Титаник“ за Миле Јанакиески и Кирил Божиновски
Случајот на Миле Јанакиески е парадигма за тоа како во Македонија се злоупотребува мерката притвор, која наместо за обезбедување присуство на обвинетите се користи како казна или како инстант правда, што не е дозволено.
Ова денеска на прес-конференција го истакна адвокатот Влатко Илиевски, откако Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја објави пресудата, според која ексминистерот за транспорт и врски неоправдано, односно без доволно оправдани причини бил држен во притвор.
Инаку, пресудата, како што посочи и Илиевски, кој е правен застапник на Јанакиески пред судот во Стразбур, се однесува на предметите „27 април“ и „Шпански скали“, кои сè уште се во судска постапка.
Образложувајќи ја пресудата, Илиевски посочи дека со неа судот во Стразбур утврдил повреда на правото на слобода загарантирана со член 5 став 3 и со исиот член став 4 од Европската конвенција за човекови права, во двата предмети, а се однесува на периодот од декември 2019 до февруари 2021 година.
Поранешниот министер бил во притвор, иако според судот не постоеле причини за негово лишување од слобода. Втората повреда е во делот на брзината на одлучување по неговите жалби пред кривичниот совет во скопскиот Кривичен суд, кои законски требало да траат максимум 48 часа.
„Во такви околности, може да се смета дека жалителот или неговите адвокати ги дознале второстепените решенија најрано на 25 декември 2019 година, 6 февруари, 10 март, 7 мај, 8 јуни, 10 јули, 13 август, 7 септември и 8 октомври 2020 година. Оттука, постапката за ревизија на притворот траеше помеѓу осумнаесет и дваесет и осум дена. Судот претходно утврди дека таквите одложувања се прекумерни (види, на пример, Сњатовскиј против Русија, и Рамковски против поранешна југословенска Република Македонија“,
се вели во одлуката на ЕСЧП во случајот Миле Јанакиески против Република Северна Македонија.
Во овој период, како што посочи адвокатот Илиевски, на Јанакиески околу 15 пати му бил продолжуван притворот.
„Со пресудата судот утврди дека правото на слобода е повредено затоа што не постоеле доволно образложени причини за лишување на Јанакиески од слобода со што е повреден член 5 став 3 од Конвенцијата, како и повреда на правото на слобода затоа што неефикасно се разгледувани жалбите поднесени од Јанакиески во врска со притворите. Ова значи дека Миле Јанакиески бил држен во притвор без доволно оправдани причини и решенијата за притвор му се носени практично по автоматизам без да се утврди потребата од продолжување на притворот, односно без да се направи соодветна реевалуација на основните за притвор. Исто така, Миле Јанакеиски не можел ефикасно да ги обжалува ваквите решенија бидејќи Апелацискиот суд обично по правило ги носел решенијата по жалбите практично неколку дена или на самиот ден на истек на притворот со што реално правото на жалба и не му било остварено“,
рече Илиевски на прес-конференцијата.
Говорејќи за злоупотребата на мерката притвор тој рече дека многу пати сме биле сведоци како во јавноста се изнесувани јавни повици од одредени носители на јавни функции или други општествени чинители кои повикувале на притворање на политичките противници.
„Тука би сакал да истакнам еден таков повик од страна на универзитетски професор кој своевремено пред пет – шест години ги повика властите да ги притворат политичките противници па после тоа тие нека му ја мислат, нека се докажуваат и Стразбур нека ги ослободува. Еве Стразбур сега гледаме дека утврдува повреда и од тие причини сметам дека ова одлука на Стразбур треба да се искористи како една поука“,
рече адвокатот.
Посочувајќи дека ваквата пресуда со која се утврдува повреда на правото на слобода не е прва, Илиевски изрази уверување дека нема да биде ниту последна.
„Во оваа прилика би истакнал дека очекуваме набргу да има одлука по однос на притворите коишто беа определни во предметот ‘Титаник’ за Миле Јанакиески, а и Кирил Божиновски е тука вклучен“,
рече Илиевски.
Според него, во целиот контекст со пресудата на Стразбур и предметот за кој се однесува таа, легитимно е да се постави прашањето за одговорност во однос на носењето на одлуките за определување и продолжување на мерката притвор.
„Како легитимно сметам дека се поставува прашањето за одговорност за сите учесници во носењето за овие одлуки за притвор, со цел не само да се можеби соодветно санкционираат истите, туку и да се превенира слична злоупотреба во иднина“,
рече Илиевски.
Во однос на прашањето, како пресудата на Стразбур би влијаела на предметите против Јанакиески кои сè уште се активни, Илиевски му го препушти зборот на адвокатот Еленко Миланов, како бранител на ексминистерот во постапките што се водат против него пред домашните судови.
Миланов рече дека пресудата од Стразбур го потврдува барањето на Јанакиески дека треба да се засметаат сите правосилни судски одлуки за притвор што му се изречени во повеќе предмети во казната затвор што ја издржува за предметот „Титаник“.
„Во овој момент го имаме неспорниот факт дека Вишото јавно обвинителство во предметот ‘ТНТ’ предложи да се утврди застареност на кривичното гонење во таа постапка, во која што постои деветмесечен притвор во однос на обвинетиот Миле Јанакиески којшто беше определен два дена пред истекот на законскиот максимум во еден друг предмет каде што тој издржуваше мерка куќен притвор…Затоа сметам дека барањето и предлогот за засметување на овие притвори по правосилни и судски одлуки е оправдан, затоа што законот никаде нема децидна и конкретна одредба согласно која тој притвор мора да биде токму во тој предмет за којшто постои правосилната пресуда. Таква исклучивност постои во одредбата од членот 121 од Кривичниот законик, а тоа е одредба која што се однесува исклучиво на екстрадициониот притвор којшто е на истиот начин регулиран и во Законот за меѓународна правна помош каде што притворот којшто се определува во екстрадициона постапка важи само за таа постапка затоа што постои општо правило дека екстрадицијата важи само за предмет за којшто е испорачано лицето и не може да важи и не може да се применува гонење во однос на тоа лице за било кое друго кривично дело. Така што тој исклучок на којшто се повикуваше првостепениот суд при својата прва одлука кога не го прифати ваквото барање сметам дека не е издржана“,
рече Миланов.
Кривичен: Судот во Стразбур не ја спори основаноста на притворите за Јанакиески
Инаку, по објавувањето на пресудата на Стразбур и написите во медиумите во врска со неа, со писмено соопштение се огласија од Основниот кривичен суд Скопје, од каде велат дека Европскиот суд за човекови права не ја оспорува основаноста на мерките притвор и куќен притвор определни на Јанакиески, туку судот утврдил недостатоци во „брзината“ на жалбената постапка.
„Во однос на одредени медиумски известувања и коментари за одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур на апликантот Миле Јанакиевски против РСМ и наводите дека „притворот бил неосновано определен“ апелираме до медиумите, но и правните критичари дека е потребно прецизно и дословно известување за вакви сензитивни теми. Пресудата на ЕСЧП е веќе достапна на нивната веб страница и потребно е точно и внимателно да се прочита нејзината содржина пред да се навлезе во неосновани критики и погрешни заклучоци, со кои се информира јавноста. Во ниту еден дел не ја оспорува основаноста на определените мерки притвор и куќен притвор во прв степн, напротив ЕСЧП констатирал дека притворот бил оправдан, но утврдува пропусти во лишувањето од слобода на обвинетиот, како и „брзината“ на жалбената постапка во повисок степен“,
се наведува во соопштението на Кривичен.
Осврнувајќи се на реакцијата на првостепениот суд, Илиевски рече дека таа не оди во насока на извлекување поуки од одлуките на Стразбур.
„Со жалење можам да констатирам дека денешното прес-соопштение на Кривичниот суд не е во таа насока. Имено тие извадиле еден дел, можеби мал дел од пресудата кој што оди во корист на тоа дека не била утврдена повреда на член 5 став 1 кој што се однесува на законитоста на притворот. Тука би сакал да истакнам дека апликацијата содржеше наводи и за тој основ за поврда на член 5 став 1 од Конвенцијата и тука пред се на арбитрарноста на постапувањето на судот во однос на изрекувањето на двојни притвори. Ние имавме ситуација во која во два наврати за Миле Јанакиески се носеа истовремено во ист ден и во ист суд две различни решенија за притвор, а исто така имавме и пракса да арбитрерно судот две недели пред истек на решенито за притвор му определува нов притвор. Тука судот (во Стразбур) реши да не одлучува не затоа што тие наши наводи и аргументи беа неосновани туку затоа што согласно принципот на субсудијарност сметал дека не се искористени сите правни лекови пред националните судови. Впрочем и самиот Апелациски суд со укинувањето на тие двојни решенија за притвор самиот призна дека истите биле незаконски“,
рече Илиевски на прес-конференцијата.
Тој и Миланов, пресот го завршија со забелешка дека пресудата на Стразбур се случува на истиот ден кога на Јанакиески за прв пат му бил одреден притвор во случајот „Титаник“, за кој во моментов издржува затворска казна од три години и шест месеци.