Тој е постојан известувач на ЕП за Северна Македонија
Европратеникот Илхан Ќучук е избран за претседател на партијата на европските либерали АЛДЕ. Ова е одлучено на 41-от партиски конгрес, кој се одржува денеска и утре, објави прес-центарот на ДПС.
Имајќи ги предвид вонредните околности, настанот во Брисел бил во хибриден формат, на кој Ќучук е избран за еден од двајцата претседатели.
Ќучук во мај 2019 година доби втор мандат за член на Европскиот парламент од групата „Обнови ја Европа“. Тој е член на Комисијата за надворешни работи и на Делегацијата на ЕП за конференцијата за иднината на Европа. Тој е постојан известувач на ЕП за Северна Македонија и Узбекистан и исто така алтернативен член на Комисијата за транспорт и туризам и на Комисијата за правни работи. Ќучук е прв заменик-претседател на делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Турција и алтернативен член на Делегацијата за односи со Арапскиот Полуостров.
Во ноември 2015 година беше избран за заменик-претседател на партијата АЛДЕ, а во декември 2017 година и октомври 2019 година беше реизбран. Досега тој беше вршител на должноста претседател на партијата АЛДЕ.
„Добрата вест е дека еден од новите претседатели на АЛДЕ е од Источна Европа. Либералите ја прошируваат својата географија во Европа и во оваа смисла мојот избор не е само признание за партијата ДПС, која во последните 3 децении се етаблираше како гарант за либералните вредности, туку и за Бугарија и регионот. Испраќаме силна порака до граѓаните во поновите земји членки и во Западен Балкан дека нивниот глас се слуша и дека можат да учествуваат во европските процеси од внатре, наместо да бидат статични набљудувачи. И ова е исклучително важно, имајќи ја предвид претстојната Конференција за иднината на Европа, која има за цел да ја реформира ЕУ и да ги претстави нашите идни приоритети за закрепнување на економијата, дигитална и зелена трансформација“,
рече Ќучук по неговиот избор.
Либералите и демократите во Европа се една од најголемите европски партии, застапена во Европскиот совет, Европската комисија, Европскиот парламент и во другите институции.