Преку советувалиштето, кое почнува со функција од понеделник, ќе се обезбедува стручна поддршка за деца, тинејџери, родители и наставници, а услугите ќе бидат достапни со упат од матичен лекар и преку системот „Мој термин“. Целта, вели директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, е децата, тинејџерите, но и нивните родители, преку работа со стручни лица да ги надминат сите бариери и предизвици со кои се соочуваат
Во рамки на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска беше отворено психолошко советувалиште за деца и адолесценти, прво од ваков вид во државата. Советувалиштето ќе обезбедува стручна поддршка за деца, тинејџери, родители и наставници, а услугите ќе бидат достапни со упат од матичен лекар и системот „Мој термин“.

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, рече дека целта на отворањето на вакво советувалиште е децата, тинејџерите, но и нивните родители, преку разговор и работа со стручни лица да ги надминат сите бариери, емоционални, семејни и училишни предизвици со кои се соочуваат.
„Ќе се водат разговори, ќе се даваат насоки, и тоа не само за надминување на проблемите, туку и за понатамошен емоционален развој, за комуникациски вештини и надминување на сите оние бариери со кои се сретнуваат децата во текот на животот во предучилишна возраст, во училишна возраст и малку кај постарите“,
рече Андоновска.
Министерот за здравство Азир Алиу порача дека со отворањето на вакво советувалиште се започнува нов пристап кон менталното здравје на најмладите. Обврска на системот, додаде тој, е да препознава, поддржува и интервенира навреме и да не ја стигматизира темата за менталното здравје.
Советувалиштето за психолошка поддршка на деца и адолесценти во рамки на Институтот за јавно здравје ќе биде во функција од понеделник.
