Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, доцна вечерва изјави дека компаниите кои ги предложил како „позиции“ за набавка на поевтин гас и мазут на неодамнешната средба во Владата, доставиле понуди до земјава
Ваквиот став на Мицкоски следи неколку часа откако владини претставници брифираа дека имале средби со фирмите кои ги понуди Мицкоски на почетокот на месецов, но дека од нив не добиле никаква формална понуда
Студио на МТВ. Пет новинари од пет приватни ТВ куќи седат наспроти претседателот на најголемата опозициска партија во земјата, Христијан Мицкоски. Помеѓу е само водителот, кој и ја модерира дебатата. Уште на почетокот на интервјуто „5 против 1“ почнуваат прашањата за енергетската криза. Мицкоски е поранешен директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) а и професор на Машинскиот факултет, па темата му е блиска. Брзо користи можност да ја обвини власта дека не знае да менаџира со електроенергетскиот систем. Ако знаела, немало земјата да биде енергетски зависна.

Фактите дека земјава никогаш не била енергетски независна и дека таа зависност само се продлабочува низ годините, вклучувајќи ги и тие кога партијата на Мицкоски беше власт, не е од особена важност кога станува збор за политичко поентирање. Но, разговорот во студиото на МТВ брзо се префрла на многу поконкретен терен.
Имено, на 4 октомври Мицкоски оствари средба со премиерот Димитар Ковачевски и министрите задолжени за енергија, за да им ги презентира контактите за кои, пет-шест дена претходно, кажа дека му доставиле „индицирани понуди“ за гас и за мазут кои на земјава би и заштедиле над 300 милиони евра, со оглед на цената која сега ја плаќа државата за овие енергенси.
Денеска, на 17 октомври, владини извори брифираа дека во изминатите денови оствариле средби со фирмите кои ги понуди Мицкоски, но дека не добиле формална понуда до овој момент. Спомнат беше и зборот „несериозни“. На очекуваното новинарски прашања на темата во студиото на МТВ, Мицкоски вели – не е така.
Мицкоски: Понуда за гас стигна денес, за мазут утре
Што е вистината? Така Мицкоски го почна одговорот на прашањето на новинарката Душица Мрѓа за тврдењата на владата дека не добиле понуди од фирмите предложени од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе во следната реченица го даде одговорот:

„Вистината е дека компанијата којашто е позиција поврзана за снабдување со гас на Македонија и нејзини претставници, односно генералниот директор на тоа акциониерско друштво, со негов соработник, и тројца претставници од Македонија, еден од владата, од поранешно ЕЛЕМ денешно ЕСМ, друг исто така дел од кабинетот на Димитар Ковачевски присустуваа на таа средба.
На таа средба, според оние информации што јас ги имам, а беа потврдени од учесници од двете страни, е понудена цена којашто е најмалку двапати помала од таа по којашто купуваше гас АД ЕСМ за месец октомври. Но, во Европа, начинот на којшто се тргува со commodities, они тоа го нарекуваат, односно гас, нафта, мазут, струја итн, е предмет на еден договор којшто ние го викаме, којшто сме се занимавале со таа работа, „ефет договор“. И тоа го потпишуваат секаде во Европа компаниите коишто се занимаваат со оваа проблематика.
Според тоа што е договорено на таа средба, а постапила позиција (се мисли на Владата), е да уште минатиот викенд, поточно да бидам попрецизен на 8 октомври, тој договор требаше да биде испратен до… или 9 октомври, пардон, да биде испратен до АД ЕСМ, што тоа го направила и позицијата (фирмата предложена од Мицкоски). А од АД ЕСМ требало потпишан, тој рамковен договор, да го вратат на 9 октомври, што не го направиле. Односно на 10 октомври, следниот ден, се извинувам, што беше понеделник. Ајде, имаме разбирање бидејќи 11 октомври беше неработен ден. 12-ти помина, за потоа на 13 октомври им биде пратена писмена комуникација од страна на АД ЕСМ до компанијата, до позицијата, дека е потребно тие да го потпишат тој рамковен договор и да го пратат до АД ЕСМ како би можел Надзорниот одбор на АД ЕСМ да даде зелено светло, да може директорот на компанијата да го потпише. Тоа го направила компанијата според моите информации денеска и истиот тој договор е доставен до АД ЕСМ и го повикувам АД ЕСМ и тој што погрешно брифирал, истиот тој договор, ако навистина има чесни намери, да го потпише, да го врати назад и на граѓаните на Македонија да им заштеди неколку стотици милиони евра”,
изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски не го употреби тој збор, но посредно кажа дека Владата лаже кога вели дека нема понуда од фирмата која нуди гас на земјава со цена далеку поевтина од светските берзи. А упатени владини извори го тврдеа токму спротивното во текот на денов. Во име на фактите, таквото тврдење на владините извори беше лиферувано околу 16 часот, речиси на крајот на работниот ден. Така, теоретски, се уште постои можноста и владата и Мицкоски да ја говорат вистината, ако понудата стигнала по информациите споделени од владини извори, а пред вечерното интервју на Мицкоски.
Но, за разлика од владините брифери, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше лично, од свое име и отиде и чекор понатаму во обидот да ги увери новинарите во студиото на МТВ дека понуда има.
„Можам да потврдам дека цената е отприлика повеќе од двапати помала од таа којашто владата ја доби за втората половина од октомври месец. Односно, еве, ќе бидам попрезицен, на тој состанок во Белград е понудена цена којашто би се движела помеѓу 750 и 1 000 евра за 1 000 нормални м3 гас. Во зависност од тоа дали и кога би се потпишал тој договор и начинот на испорака и количините и дијаграмот итн, така и цената ќе се движи во периодот на испорака. Дали воопшто ќе се реализира ова, не знам. Дали би сакал да се реализира, би сакал, затоа што ќе се заштедат стотици милиони евра на граѓаните“,
изјави Мицкоски.
Каде се „согласуваат“ Мицкоски и Владата
Информациите на владините извори кои брифираа во текот на денот во значителна мера се совпаѓаат со оние на Мицкоски. Да, за гасот е одржана средба во Белград. Да, на таа средба присуствувале двајца претставници на фирмата-контакт од Мицкоски и тројца претставници на државата – министерот за економија Крешник Бектеши, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски и владиниот советник Виктор Андонов (Мицкоски ги именува претставниците само по функција, н.з.). Да, на средбата е понуден документ. Тука застанува совпаѓањето.

Тој документ, според владини извори, воопшто не бил понуда, туку вид на договор за соработка. Тој договор за соработка, велат владини извори, не содржел права и обврски за двете страни ниту пак во него биле посочени количествата кои му се потребни на ЕСМ за периодот ноември-април, ниту пак била презентирана некаква цена.
Владините извори додадоа и дека фирмата „понудувач“ се вика ПГО (PGO) со седиште во Швајцарија, а дека нејзини претставници во Белград биле еден државјанин на Србија а друг на Босна и Херцеговина (од Република Српска). Мицкоски, видно од претходната изјава, тврди дека понуда има. Но, не сакаше да зборува за името на фирмата во студиото на МТВ.
„Јас нема да споменувам имиња бидејќи немам авторизација и ценам дека тој којшто ги споменувал имињата исто така нема авторизација и не постапил етички бидејќи нема авторизација да ги споменува имињата на тие контакти“,
изјави Мицкоски на МТВ.
Освен за гасот, владините брифери денеска кажаа и дека одржале состанок во Скопје со фирмата која Мицкоски ја понуда како поевтина солуција за набавка на мазут. Но, додадоа и дека од нив нема ниту договор за соработка, како со швајцарската ПГО.

И Мицкоски на МТВ кажа дека имало средба во Министерството за економија за мазутот. Но, за разлика од власта, тој тврди дека е понудена цена, иако во исто време најави и дека формална понуда ќе стигне утре.
„Претставници на таа позиција беа таму, разговараа. Претставник на компанијата којашто во овој момент ја снабдува Македонија со мазут ги контактирал луѓето коишто се позиција и од нив побарал понуда за 150 илјади тони мазут. Цената којашто ја добиле, можам – бидејќи добив авторизација – да ја кажам, е на кое било пристаниште во околината, дали е тоа Волос, дали е тоа Солун, Драч или Варна, е цена берзанска минус 40 евра по тон. Што би значело, во моментов, заштеда од најмалку 80-90 евра по тон од таа којашто државата ја плаќа или на 150 илјади тони, тоа е нешто повеќе од 12 милиони евра. Официјалната понуда, колку што јас знам, ќе биде добиена утре. Од тој момент па натаму, останува на бриферот, на оние лажни вести, да одлучи како понатаму. Дали ќе продолжат да крадат или пак ќе заштедат десетици, па би рекол и стотици милиони евра на граѓаните на Македонија”,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Која е компанијата која нуди мазут на земјава не кажа ниту Мицкоски, ниту пак власта.
Па, за Мицкоски, остана уште едно логично прашање – како лидерот на опозицијата е вклучен во овие преговори?
„Онака како што јавноста можеше да ме види, а тоа беше идејќи кон владата, и сето она што вас ви го кажувам, го презенетирав и таму. Го кажував во моите изјави и ќе продолжам да го кажувам, затоа што не сакам никој да ги краде граѓаните,
– Од кога се почнати преговорите меѓу владата и компаниите?
Јас сум информиран и од двете страни. И од луѓето кои биле на тие преговори и од компаниите. И тоа е природнозатоа што јас така инсистирам, затоа што не сакам некој да ги краде граѓаните. Затоа што не сакам ова да заврши со ваков брифинг со лажни информации којшто ќе овозможи потоа преку тендери да се крадат граѓаните… преку фингирани, наместени тендери, договори во четири очи. Затоа јас инсиситирам да сум во тек, затоа го зборувам ова јавно“,
изјави Мицкоски.
Иако и договорањето кое го нуди Мицкоски влегува во колоквијалното поимање на терминот „во четири очи“, тоа не ја намалува важноста на приказната која мора да добие разрешница веќе утре. Дали пристигнале понудите за кои, со соопштувањето на конректни детали, Мицкоски го вложува личниот политички кредибилитет? Или, пак, целата игра со „позициите“ на Мицкоски е несериозна, како што брифира власта.
Влогот е голем. Според пресметките на лидерот на опозицијата, тој може да чини стотици милиони евра, сметка која на крај ќе ја платат даночните обврзници. А тука е и образот на политичката и јавната сцена.