Груби пред една недела беше во центарот на вниманието откако на својот фејсбук-профил објави фотографии на кои тој и неговите сопартијци од ДУИ играат кошарка и фудбал во неговиот кабинет во Министерството за политички систем
Откако вицепремиерот Артан Груби објави фотографии со неговите партиски колеги како играат фудбал и кошарка во неговиот кабинет, по што следеа низа реакции во јавноста, вчера, на неговиот фејсбук-профил осамнаа нови фотографии од играње фудбал. Овој пат, „голгетер“ е синот на Џорџ Сорос, Александар Сорос.
„Пријателски разговор околу актуелната политичка ситуација, европската перспектива на земјата и целиот регион со американскиот филантроп и претседател на Фондацијата „Отворено општество“, г. Александар Сорос“,
напиша Груби на Фејсбук.
Груби пред една недела беше во центарот на вниманието откако на својот фејсбук-профил објави фотографии на кои тој и неговите сопартијци од ДУИ играат кошарка и фудбал во неговиот кабинет во Министерството за политички систем. Дел од „дрим-тимот“ на Груби беа актуелните министри Бујар Османи, Крешник Бектеши, Фатмир Бесими, Јетон Шаќири, како и нивниот доскорешен колега Насер Нуредини.
Ова предизвика бура од реакции во јавноста, по што Груби изјави дека сме станале хистерично општество. Нема ништо неморално и неетично во тоа што игравме фудбал во мојата канцеларија, рече Груби.
Тој потоа на прес-конференција во Владата се извини.
„Ако толку длабоко задира во вашите чувства, ако толку задира во чувствата на кој било што е трогнат од таа слика, навистина ви се извинувам затоа што сме играле фудбал или баскет“,
рече Груби.
Како што истакна, „нема амбасадор што не е дојден во мојата канцеларија и нема шутирано фудбал и од тоа се објавени слики“.