Хрватскиот министер за здравство Вили Берош денеска најави дека во следниот период ќе се размисли за олабавување на мерките воведени за спречување на ширењето на коронавирусот.
Берош за ХТВ изјави дека е можно да се предвиди однесувањето на вирусот, но дека не сакаат да се врзуваат за рокови што не можат да ги испочитуваат.
Тој додаде дека растот на заболени во Хрватска е сè уште во границите што самите ги одредиле и дека нивната стратегија дава резултати – целта е да се забави значителен раст на заболените и на здравствениот систем да му се овозможи да дава соодветна заштита и да не биде преоптоварен.
„Можам да кажам дека нашите податоци се многу добри и задоволителни“,
рече Берош додавајќи дека биле загрижени за балансот на мерките што го спречуваат ширењето на вирусот и овозможувањето нормални животни активности.
Тој кажа дека размислуваат во следниот период за олабавување на тие мерки, за да се овозможи сите животни текови да се одвиваат непречено, да можат и економските активности да заживеат, но и натаму да се има под контрола бројот на заболени.
Бројот на заразени во Хрватска изнесува 1 650 лица, од кои 25 луѓе досега починаа. Хрватска е првата земја во регионот каде беше регистриран случај на заразен со коронавирус.
Словенија од денеска започна со постепено укинување на ограничувањата со тоа што здравствените установи ќе почнат да извршуваат специјалистички и амбулантски прегледи кои беа стопирани, а повторно ќе бидат отворени и центрите за рехабилитација.
Но истовремено од СЗО стаса препорака до земјите да не брзаат со таквите потези и објавија критериуми што треба да се почитуваат пред да се преземат какви било мерки.
Експертот на СЗО, Дејвид Набаро, пак, прогнозира дека општествата мора да се приспособат и „да научат да живеат со новата реалност“ бидејќи коронавирусот веројатно ќе го има уште извесно време.