Министерската за надворешни работи на Холандија, Сигрид Каг, смета дека поради блокадата на Северна Македонија од Бугарија, мали се шансите преговарачките рамки за нашата земја и за Албанија да бидат усвоени на 22 јуни на Советот за општи работи на Европската Унија.
На дебатата со пратениците од парламентарната комисија за европски прашања, Каг, како што јави МИА од Брисел, изјавила дека Холандија поддржува усвојување на преговарачката рамка за Северна Македонија и за Албанија.
И покрај отпорот од некои политички партии во земјата, позицијата на Холандија во однос на Албанија е значително променета и Хаг нема резерви кон Тирана, како што беше случај досега, за одржување на првата меѓувладина конференција. Холандија смета дека земјата ги исполнува потребните услови, а преговарачкиот процес на ЕУ врши доволен притисок за реформирање на судскиот систем и владеењето на правото за да се надминат колебањата на холандската јавност, смета министерката.
Таа се повика и на геополитичката состојба на ЕУ во однос на другите големи сили присутни на Западен Балкан.
Холандската министерка за надворешни работи во холандскиот парламент посочи дека португалското претседателство работи на надминување на спорот и изнаоѓање решение.
Утре холандскиот парламент би требало да одржи уште една дебата на оваа тема, овој пат на пленарна седница, на која пратениците ќе заземат конечен став.
И премиерот Зоран Заев не е оптимист дека до 22 јуни ќе се реши проблемот со Бугарија. Според него, една од причините е одржувањето на изборите во соседството закажани за 11 јули.
Тој утре заедно со вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи заминува за Софија на работни средби со бугарскиот државен врв.