Премиерот Зоран Заев не е оптимист дека до 22 јуни ќе се реши проблемот со Бугарија. Според него, една од причините е одржувањето на изборите во соседството закажани за 11 јули. Заев најави дека ќе има уште една средба со претседателот Румен Радев бидејќи, како што рече, немало зијан ако со бугарската страна заклучат некаков договор кој потоа би бил верификуван од следната политичка влада во Бугарија.
„Верувам дека во четврток ќе можеме да навлеземе детално во тие разговори. Она кое што морам да го кажам, имам чувство дека на 22 јуни нема да се реши затоа што Бугарија има техничка влада и нема Парламент. Но, не е невозможно да се реши. Зошто го кажувам ова. Да не ги дигнам очекувањата на сите заради тоа што реалноста е дека во Бугарија дека на 11 јули имаат избори. Но, истовремено имам чувство на одговорност пред нашиот народ да кажам дека наша должност е да направиме се. И нема зијан ако направиме дури и успех и заклучиме отприлика договор којшто би бил верификуван од следна политичка влада и од парламентот“,
изјави Заев.
Според Заев, значајно е што нема дилеми за постоењето, автентичноста и потврдата на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
„Тоа не е прашање на разговори. Зборуваме за динамиката во месеци, во полугодија, во години или во континуитет на сите детали од секторската соработка во делот на рамката или патната карта. Зборуваме за интензитетот на свикување и гледањето на историската комисија од двете страни, но секако зборуваме и за креативниот дел на португалското претседателство којшто го даде како предлог за да може конечно пријателска Бугарија да ни даде пас, односно позитивен одговор на закажувањето на првата меѓувладина конференција преку усвојувањето на преговарачката рамка,“
додаде Заев.
Вчера Заев во Брисел се сретна со бугарскиот претседател Радев. На средбата, како што информира владината прес-служба, во фокусот на разговорот била перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на С Македонија. Радев истакнал дека Бугарија дава принципиелна и континуирана поддршка за иднината на С Македонија кон ЕУ, како и дека очекува со непосреден и активен политички дијалог да бидат разрешени отворените прашања во меѓусебните односи.