Денеска за првпат имаше дојави и во основни училишта – едно во Центар и едно во Карпош
И денешните дојави за бомби во училишта во Скопје се лажни, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) откако антитерористичките единици ги направиле проверките.
„Ја известуваме јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училиштата на територија на Скопје кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
соопштија од МВР.
Денеска за првпат имаше дојави во основни училишта откако претходните беа праќани само во средни. Дојавите стигнаа на електронските пошти на основните училишта „Кочо Рацин“ на Водно во Центар и „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4.
Кога станува збор за средните училишта, пак, дојави имаше во: „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Панче Арсовски“, „Никола Карев“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“ и „Цветан Димов“.