Јанаке Витановски се повикува на владината Уредба според која изборниот датум зависи од тоа кога ќе заврши вонредната состојба, додека неговата колешка Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ го истакнува ставот на Деркоски дека е невозможно да се организира гласање во преостанатиот период од 22 дена
Петти јули е ден за избори, доколку се почитуваат законските одредби, смета членот од СДСМ во ДИК Јанаке Витановски.
Според Витановски, државата не може да функционира без парламент, а епидемијата може да трае уште долго, со оглед на тоа што, како што вели, не се почитуваат мерките.
„Повторно е прогласена вонредна состојба во траење од 14 дена, а 22 ден по вонредната состојба е ден за избори – 5 јули. Така треба да биде ако се почитуваат законските одредби. А ДИК ќе ги организира и спроведе изборите кога и да се. Не може државата да функционира без парламент. Сметам дека, како што не се почитуваат мерките на затита, долго ќе живееме со коронавирусот. Политичките партии тешко ќе дојдат до договор. Треба да се почитуваат законските одредби. Да не поминат 60 дена од распишувањето на изборите,“
напиша Витановски на фејсбук.
На неговиот статус со коментар се надоврзува Елизабета Постоловска, која е членка на ДИК од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Колега, на што се должи промената на твоето мислење од пред недела дена“,
прашува Постоловска.
Во коментарот на статусот на Витановски, Постоловска објави и дел документ на ДИК (веројатно станува збор за информацијата што е доставена од претседателот Стево Пендаровски), потпишан од претседателот на Комисијата Оливер Деркоски, кој исто така е од ВМРО-ДПМНЕ. Во информацијата, меѓу другото, стои дека е невозможно да се организира гласање во преостанатиот рок од 22 дена.
Премиерот Оливер Спасовски изјави денеска дека четвртата одлука на претседателот Стево Пендаровски ќе биде последно продолжување на вонредната состојба, која би траела до 14 јуни. Со завршувањето на вонредната состојба од 14 дена, како што рече Спасовски, се исполнува законскиот рок од 22 дена, според кој вонредните парламентарни избори ќе се одржат на 5 јули.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека Спасовски и Зоран Заев, наместо на здравјето на граѓаните, мислеле само на фотељите.