Законот за потекло на имот ќе ја олесни работата на антикорупционерите кои три години бараат тој да се донесе, рече вчера претседателката на ДКСК коментирајќи ги обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека 123 функционери кријат имот вреден 30 милиони евра
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, денеска порача дека ако опозицијата има сознанија дека некој крие имот треба да ги достави до Антикорупциска
Министерот за правда Никола Тупанчески вели дека очекува во најскоро време да биде доставена нацрт-верзијата на предлог-законот за потекло на имот, но тврди дека и без него може да се открие незаконски стекнатиот имот на функционерите.
„Пред некој ден имав средба со претседателката на Антикорупциската комисија. Меѓу другите работи што се работат е и законот за утврдување на потекло на имотот и би требало првата драфт-верзија да биде готова. Очекувам во најскоро време да бидеме и ние како Министерство за правда, не само запознаени туку да дадеме и свој придонес. Меѓутоа, да не заборавам, тврдам дека освен тој закон односно пред да биде донесен, во моментов постојат инструменти и механизам за докажување и откривање на состојбата на незаконски стекнатиот имот“,
вели Тупанчески.
Тој вели дека тоа што се доцни со донесување на ваков закон не е до Министерството односно дека тие ја очекуваат работната група да ја даде првата нацрт-верзија.
Дека најавуваниот закон за потекло на имот ќе им ја олесни работата на антикорупционерите вчера потенцираше и претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).
Зборувајќи за аферата „Тајни имоти“ со која излезе ВМРО-ДПМНЕ тврдејќи дека 123 функционери кријат имот времен 30 милиони евра, Ивановска вчера рече доколку има такви лица, она што може ДКСК да го направи е да изрече глоба. Но тоа е во случај доколку функционери имаат имот регистриран во Катастар, а не го пријавиле во анкетниот лист.
Меѓутоа, ако имаат имот кој не е заведен на нивно име во Катастар, тогаш тука има проблем.
„Ако имотот не е регистриран во Катастар, тука е проблемот на кој ние постојано укажуваме дека има висок ризик од корупција и три години бараме да се донесе Законот за потекло на имот. Кога секој граѓанин ќе си каже од каде е имот, полесно ќе биде да се утврди состојбата“,
рече вчера Ивановска за „360 степени“.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ најави дека денеска ќе објави нови детали за аферата бидејќи во рокот од 24 часа ниту еден функционер не се пријавил самиот.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, денеска порача дека ако опозицијата има сознанија дека некој крие имот треба да ги достави до Антикорупциска.
„Јас за таа афера немам никакви сознанија. Гледа дека вчера ВМРО-ДПМНЕ имаше преку еден свој пратеник одредена најава. Се што имаат како одредени индикации треба да го достават до Антикорупциската комисија бидејќи секој функционер е должен се она што го има стекнато во текот на својот живот да го пријави во својот анкетен лист исто како што јас сум го направил тоа“,
изјави денеска Ковачевски.