Не може да биде системски пропуст кога 123 лица немаат пријавено имот, може да биде само системско криење, велат од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ најавува дека денеска напладне ќе објави нови детали за, како што ја нарече, аферата „Тајни имоти“ во која тврдат дека 123 функционери од власта кријат имот од 30 милиони евра.
„Функционерите од власта и ДКСК имаа време да се пријават или отворат постапки. Но наместо извинување кон граѓаните и оставки тие молчат. Затоа денес во 12 часот ВМРО-ДПМНЕ продолжува со изнесување на нови детали од аферата ’Тајни имоти‘“,
велат од опозициската партија.
Според нивните тврдења, имотот на функционерите се криел со години.
„Сто дваесет и три функционери од власта кријат имот од 30 милиони евра со месеци, а дел од нив со години и институциите не реагираат. Не може да биде системски пропуст кога 123 лица немаат пријавено имот, може да биде само системско криење“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси (ДКСК), пак, бараат да почне да си ја работи работата, а не да чека пријави.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, вчера во разговор со „360 степени“, порача дека ако ВМРО-ДПМНЕ има информации да поднесе пријави, а тие ќе постапат.
„Ќе видиме за што станува збор. Надлежноста на ДКСК е да изврши проверка на анкетните листови, дали тие ги содржат сите податоци кои ги потврдуваме со прибирање и споредба на информации од надлежни институции, како што се Агенцијата за катастар, МВР, УЈП итн. Проверуваме дали тоа што е пријавено соодветствува со тоа што го имаат регистрирано институциите“,
рече Ивановска додавајќи дека Антикорупциска прави проверки и по допрен глас, по годишниот план, по пријави од други лица…
Но, во случаи кога функционерите имаат имот кој не е пријавен во Агенцијата за катастар, тогаш антикорупционерите се соочуваат со проблем и затоа таа апелираше од потребата да се донесе закон за потекло на имот – нешто на што ДКСК инсистира веќе три години.