Поради роднински врски со кандидатот за омбудсман, еден од пратениците на ДУИ нема да учествува во гласањето
Собранието ја прекина, па ја продолжи денеска седницата за избор на на нотарот и неодамнешен кандидат на ДУИ за премиер Насер Зибери за народен правобранител.
Расправата за кандидатурата на Зибери треба да почне по паузата, за што се пријавени десетина дискутанти.
Претседателот на парламентот Талат Џафери прво ја прекина седницата веднаш по утврдувањето на дневниот ред, каде што прва точка е изборот на народен правобранител. Пратениците веднаш потоа ја продолжија работата по другата седница закажана за денеска и откако го утврдија дневниот ред се вратија на седницата за избор на народен правобранител.
Дневниот ред на двете седници беше утврден со 60 гласа „за“, додека за избор на омбудсман се потребни најмалку 61 глас, плус половина од гласовите на пратениците од немнозинската етничка заедница во земјава, според т.н. Бадентеров принцип.
Пред да даде пауза, Џафери соопшти дека пратеникот Арбен Зибери од ДУИ, кој е во роднински врски со Насер Зибери, нема да учествува во расправата ниту во гласањето за избор на народен правобранител.
Сепак, проценките се дека има доволно гласови за избор на Зибери, со оглед на тоа што пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски, кој беше позитивен на ковид-19, се вратил на работа. Со тоа, и без Арбен Зибери, мнозинството би можело да обезбеди точно 61 глас за избор на Насер Зибери на новата функција.
Пред гласањето за дневниот ред, пратеникот на Алијансата за Албанците, која е во коалиција со Алтернатива, Сурија Рашиди, побара да се симне точката за избор на Зибери, за кого рече дека е кандидиран за функцијата од политички причини.
„Постапката за избор на народен правобранител беше спроведена крајно нетранспарентно, така што сега имаме кандидат кој е предложен од една од партиите на власт и кој само пред шест месеци одеше на избори како кандидат за премиер“,
рече Рашиди образложувајќи го предлогот за повлекување на точката од дневен ред.
Сепак, барањето на Алијансата за Албанците не доби мнозинска поддршка и кандидатурата на Зибери остана во агендата, со објаснување од спикерот Џафери дека дополнително ќе биде закажано продолжение на седницата што почна денеска.
Подолго од еден месец во земјава нема омбудсман откако досегашниот носител на таа функција Иџет Мемети, кој 16 години беше на позицијата, неколку дена пред истекот на неговиот втор мандат, беше избран за член на Советот на јавни обвинители.