Законот за воведување на еврото ќе биде од 1 јануари 2023. Но, со цел полесна транзиција од куни кон евро од септември оваа година, па сè до крајот на 2023 цените во хрватските продавници ќе бидат изразени и во двете валути
Од 5 септември годинава цените во продавниците во Хрватска ќе бидат и во куни и во евра, најави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ повикувајќи ги граѓаните кои дома чуваат куни да ги депонираат во банки за да може автоматски да се конвертираат во евра.
Пленковиќ, претставувајќи го Предлог-законот за воведување на еврото како официјална валута во Хрватска, истакна дека еврото официјално ќе биде воведено на 1 јануари 2023 година, а од 5 септември годинава цените ќе бидат изразени двојно.
„Цените ќе бидат истакнати во куни и во евра уште една година, цела 2023 година. Од 1 јануари 2023 година куните ќе може да се менуваат во евра една година. Банкнотите куни ќе може да се заменуваат бесплатно во Хрватската народна банка“,
истакна Пленковиќ.
На истата прес-конференција министерот за финансии Здравко Мариќ наведе дека куните во банките автоматски ќе се претвораат во евра според официјалниот курс (7,534 куни за едно евро).
„Од 5 септември задолжително цените ќе бидат во куни и во евра, но убеден сум дека некои трговци со тоа ќе почнат порано. Четири месеци пред и 12 месеци по воведувањето на еврото, задолжително е да има двојни цени“,
посочи Мариќ.
Photo: EPA/FEHIM DEMIR