Дел од персоналот имал позитивни тестови
Хотелот каде што беа членовите на германската делегација што учествуваат на Самитот на Г7 во Англија, е затворен откако дел од персоналот имал позитивни тестови на ковид-19, изјавија сопствениците на хотелот.
Хотелот „Педн Олва“ во Сент Ајвс, мал град на море во близина на локацијата каде што се одржува тридневниот Самит на Г7 на југозападот од Англија, е привремено затворен по препорака на здравствените и локалните власти.
Меѓу гостите на хотелот имало и членови на обезбедувањето на германската делегација и новинари кои работат за американска телевизија, пренесоа американските медиуми.
„По разговорите со англиска здравствена служба и Советот на Корнвол во изминатите денови, решивме да го затвориме хотелот целосно. Свесни сме за ограничените опции за сместување во оваа област, но безбедноста на нашиот тим и гостите е врвен приоритет“,
изјави портпаролот на сопственикот на хотелот.
Тој објасни дека хотелот повторно ќе се отвори кога ќе се изврши дезинфекција и кога ќе има доволно персонал.