Амбасадорката на Германија во земјава смета решението треба да биде добро за обете страни
Потребно е да се најде решение за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија што ќе биде добро и за двете земји, изјави денеска германската амбасадорка во државава Анке Холштајн.
„Водечка улога во ЕУ во моментов има Франција, која што претседава со Европската Унија. Но, сите ние сме согласни во тоа дека треба да помогнеме да се најде начин и решение кое што ќе биде добро и за Северна Македонија и за Бугарија“,
нагласи Холштајн во одговор на новинарско прашање дали Германија има некаков план да помогне за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.
Холштајн, која заедно со премиерот Димитар Ковачевски денеска ја посети германската компанија од автомобилската индустрија „Маркарт“ во велешко село Долно Каласлари, исто така истакна дека политиката на проширување на ЕУ денес повеќе од кога било досега претставува и безбедносна политика.
„И всушност овој факт кај сите треба да значи одговорност во моментите кога ќе треба да се носат одлуки“,
нагласи Холштајн.
Премиерот Ковачевски, одговарајќи на прашањето дали е оптимист дека до јуни би можел да се реши спорот со Бугарија, премиерот рече дека е рационален оптимист, оти верува во остварување на одредена цел и оти работи таа цел да се оствари.
„Уште од самиот почеток откако бев избран за претседател на Владата кажав дека не се врзувам за датуми и ниту во еден момент не споменав ниеден датум. Кажав дека нас ни треба брзо, меѓутоа не и избрзано решение“,
рече Ковачевски.