Холандската влада поддржува отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија, но прави јасна разлика меѓу двете држави
Според писмото на шефот на дипломатијата, Стеф Блок, упатено до холандскиот парламент, владата во Хаг е за носење одлука за старт на преговори со земјава, додека за Албанија би поддржале одлука за отворање преговори, но и серија услови за закажување на првата меѓувладина конференција
Наместо усна дебата утревечер, поради коронавирусот, комисијата за европски прашања во холандскиот парламент в среда ќе има писмена размена на мислења за писмото од владата
Владата на премиерот Марк Руте поддржува отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија, но притоа прави разлика меѓу двете држави. Во обид да го придобие на своја страна парламентот скептичен за почеток на преговори со Албанија, холандската влада нуди формула што веќе се споменуваше како потенцијален компромис за и двете држави да добијат зелено светло уште овој месец.
За земјава нема никакви услови за формален и суштински почеток на преговорите додека за Албанија принципиелниот став е – да за преговори, но и серија услови за закажување на првата меѓувладина конференција. Ставовите на Владата во Хаг се содржани во писмото што министерот за надворешни работи, Стеф Блок, го упатил до холандските пратеници во петокот на 13 март.
„Холандската влада ги споделува наодите на Европската комисија дека Владата на Северна Македонија продолжи да испорачува опипливи и одржливи резултати во однос на условите поставени од Советот на ЕУ во јуни 2018 година. Затоа, Владата смета дека пристапните преговори со Северна Македонија треба да почнат“,
пишува Блок во писмото до пратениците.
Во позитивен тон е напишан и објаснувачкиот дел за Северна Македонија, а не само заклучокот во писмото на Блок до пратениците во Хаг.
За Албанија, холандската влада оценува дека има напредок во однос на условите од јуни 2018 година, пред се, во делот на судството и борбата против организираниот криминал и корупцијата.
„Затоа, Владата, во принцип, се согласува со препораката на Европската комисија за отворање пристапни преговори со Албанија. Но, според мислењето на Владата, суштинското отворање на преговорите, со одржување меѓувладина конференција, може да се случи само откако Владата ќе утврди дека е направен доволен напредок во однос на условите поставени од Советот на ЕУ во јуни 2018 г.“
пишува шефот на холандската дипломатија во писмото.
Хаг сака да види дополнителен напред во процесот на ветинг на судиите и обвинителите и воспоставувањето независни судски институции, како што е предвидено со уставните реформи. Исто така, се очекуваат конкретни резултати во истраги, обвиненија и пресуди во предмети поврзани со организиран криминал и корупција, вклучувајќи и случаи на високо ниво.
Со овој пристап, холандската влада сака да избегне да остане изолирана во Советот на ЕУ, каде огромно мнозинство држави се за почеток на преговори со двете држави-кандидати, а некои цврсто стојат на ставот дека Северна Македониј и Албанија не треба да бидат раздвоени. Слична формула – за безусловен почеток на процесот со земјава и условен со Албанија претходно понуди и Бундестагот.
Дебатите на ниво на амбасадори во ЕУ треба да започнат неделава во Брисел во пресрет на Советот за општи работи на 24 март и Европскиот совет на 26 и 27 март.