Новиот закон за контрола на индустриските емисии, кој предвидува построги еколошки стандарди кои ќе важат за сите опаратори со А-интегрирани дозволи, треба да стапи во сила во септември следната година. Со оглед на тоа што по 2027 година сите дозволи ќе мора да се ревидираат, според министерот, логично е секое тековно обновување да се врши според идните, повисоки критериуми за заштита на амбиенталниот воздух и околината
Министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа информира дека на почетокот на јули годинава ќе има јавна расправа во врска со постапката за продолжување на А-интегрираната дозвола на цементарницата „Усје“, кое компанијата го поднесе неодамна.

Во интервју за телевизија Телма, министерот вели дека барањето за обнова на дозволата е уредно поднесено и објавено на веб-страницата на Министерството на 22 мај. До 22 јуни, пак, како што кажа, тече рокот за увид во барањето и секоја заинтересирана страна може да поднесе забелешка на постапката за обнова на дозволата.
Хоџа уверува дека дозволата за „Усје“ ќе биде обновена според новиот закон за контрола на индустриските емисии, кој треба да стапи во сила во септември следната година и кој предвидува построги еколошки стандарди кои ќе важат за сите опаратори со А-интегрирани дозволи.
„Барањето е поднесено уредно и според актуелниот закон. Постапката тече и треба да заврши во март, но дозволата ќе биде обновена според новиот закон за контрола на индустриските емисии, кој треба да стапи во сила во септември идната година. Ќе го почитуваме законот од точка до точка“,
изјави министерот за животна средина во интервјуто за Телма.
Со оглед на тоа што по 2027 година сите дозволи ќе мора да се ревидираат, според Хоџа, логично е секое тековно обновување да се врши според идните, повисоки критериуми за заштита на амбиенталниот воздух и околината.
Министерот најави дека ќе има средба со претставниците на иницијативата „Стоп за Усје“, како и со сите невладини еколошки организации и екоактивисти.
„Тие ни се партнери, не се непријатели. Како Министерство сме за дијалог со невладиниот сектор зашто имаме иста цел – чиста и здрава животна средина. Сите се поканети да достават забелешки и ќе имаме јавна расправа“,
рече Хоџа.
