Од ХЕРА посочуваат дека ќе ја продолжат борбата со истата енергија и посветеност зашто, како што велат, општеството сè уште има потреба од организации кои не се плашат да зборуваат гласно и кои во секој поединец гледаат човек, а не статистика
Здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување вчера ја одбележа 25-годишнината од своето постоење.

„Од скромна иницијатива до национален и регионален лидер, ХЕРА остана доследна на својата мисија: да ги слуша тивките гласови, да отвора простори за доверба и да ја носи промената таму каде што е најпотребна. Прва која обезбеди поддршка за луѓето што живеат со ХИВ. Прва зборуваше за сеопфатна сексуална едукација. Создаде безбедни простори за младите, жените и маргинализираните групи. Оваа годишнина е повеќе од бројка – таа е сведоштво за истрајноста, визијата и заедништвото на стотици активисти, волонтери, партнери и пријатели“,
велат од здружението.
На одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на здружението се обрати глобалниот директор на Меѓународна фондација за планирано родителство (ИППФ), д-р Алваро Бермехо.
„Пред 25 години, ако вие бевте лице што живее со ХИВ, имавте два избора, да се мобилизирате или да умрете. Денес, многу работи се променети, најмногу затоа што храбри млади луѓе, како оние што ја основаа ХЕРА пред 25 години, се организираа, се здружија со научници, јавни и приватни институции за да ја запрат епидемијата. Но, ХЕРА не застана тука – ја прошири својата работа за да обезбеди младите луѓе да имаат пристап до сеопфатно сексуално образование, до контрацепција и до безбеден абортус. Сè со цел секој да може да одлучува за своето тело и својот живот… Денес стоиме на крстопат, со моќни сили кои сакаат да ги поништат тие победи, кои сакаат да ги држат младите луѓе во незнаење. Но, знаеме како да одговориме. Како што направивме и пред 25 години – со љубов, организирање и храброст. Ќе им се спротивставиме и ќе победиме. Нека ХЕРА остане светилникот што нè потсетува на патот. И нека целата ИППФ има чест да чекори со вас на тој пат”,
порача Бермехо.
На поранешниот извршен директор на ХЕРА, Бојан Јовановски, кој беше на оваа позиција од 2008 до 2023 година, на вчерашниот настан му беше доделено признание за визионерско лидерство и трајни вредности.
Од ХЕРА посочуваат дека ќе ја продолжат борбата со истата енергија и посветеност зашто, како што велат, општеството сè уште има потреба од организации кои не се плашат да зборуваат гласно и кои во секој поединец гледаат човек, а не статистика.