До август 2024 година, во услови на истечен договор за јавна набавка, Клиниката примала специфични медицински материјали за хируршки интервенции без воопшто да се знае нивната вредност. Материјалите биле испорачувани, а се книжеле дури откако подоцна ќе пристигнеле фактурите
Како прашање од особен акцент, ревизорите ја издвојуваат оптовареноста на оваа јавна здравствена установа. Дури 66 проценти од вкупниот број реализирани прегледи биле извршени преку итни упати или упати без термин, што е огромно отстапување од планираниот начин на користење на националниот систем „Мој термин“
Слабости во менаџирањето со залихите, јавните набавки, сметководството, како и оптоварување на кадарот поради големиот број итни прегледи се дел од слабостите што Државниот завод за ревизија (ДЗР) ги наведува во конечниот ревизорски извештај за финансиското работење и усогласеноста на Јавната здравствена установа (ЈЗУ) Универзитетска клиника за торакална и васкуларна хирургија за 2024 година.
Ревизорите констатирале дека на Клиниката не е воспоставено ажурно и навремено евидентирање на потрошувачката на лекови и медицински материјали во сметководствената и материјалната евиденција.

Средства книжени „наеднаш“ и медицински гасови паушално плаќани
Констатирано е и дека дел од медицинските материјали биле набавувани пред воопшто да се склучи официјален договор, со цел да се обезбеди непречено работење на установата.
На позицијата залихи на материјали, каде на крајот на годината биле искажани 22 961 000 милиони денари за лекови и ситен инвентар.
Иако Клиниката водела дневна евиденција кои материјали се издаваат по пациент, тие податоци со месеци не биле внесувани во главната сметководствена евиденција. Како резултат на тоа, на 31 декември 2024 година Клиниката еднократно евидентирала потрошок во огромен износ од дури 100 589 000 милиони денари. Ваквото книжење, се додава во извештајот, оневозможило тековно следење на движењето на државните средства во текот на годината.
До август 2024 година, во услови на истечен договор за јавна набавка, Клиниката примала специфични медицински материјали за хируршки интервенции без воопшто да се знае нивната вредност. Материјалите биле испорачувани, а се книжеле дури откако подоцна ќе пристигнеле фактурите.
Ова довело до неусогласеност и материјалната евиденција покажала за 15 492 000 милиони денари повисок потрошок од она што било запишано во листите по пациент. Иако раководството се правдало дека ова се правело за да не запре работата на Клиниката, ДЗР потенцира оти со ова не се почитувал Законот за јавни набавки.
Ревизијата утврдила дека за набавка на медицински гасови биле потрошени 5 139 000 милиони денари преку ЈУ за заеднички работи. Меѓутоа, наместо Клиниката да плаќа за реално потрошени количини кислород, фактурирањето се вршело „по кислородно место“. Поради овој систем, од ДЗР велат дека е невозможно е да се утврди точната состојба на залихите, што директно влијае врз точноста на официјалниот Биланс на состојба на установата.
Ревизорите откриле и дека документите со кои се раздолжувале лековите и медицинските материјали по организациони единици и по пациент, не биле соодветно потпишани, ниту одобрени од одговорните лица. Ова е во директна спротивност со член 12 од Законот за сметководство на буџетите, кој наложува дека секој внес во деловните книги мора да се заснова исклучиво врз веродостојни и уредни документи.
Во извештајот е наведено дека во рамките на Клиниката не е формирана болничка аптека, преку која законски мора да се врши целосното управување и контрола со залихите.
Покрај ова, ДЗР нотира и несоодветна примена на Законот за јавните набавки во дел од спроведените постапки.
„Со ревизијата опфативме вкупно 16 постапки за јавни набавки кои имаат реализација во 2024 година, од кои 4 се спроведени во 2024 година, а останатите во претходните години, со што опфативме 93 отсто од вкупно преземените обврски кои подлежат на Законот за јавни набавки и утврдивме состојби кои упатуваат на недоследно применување на законските одредби“,
се вели во извештајот.
Исплаќана прекувремена работа и без знаење на Трудовиот инспекторат
Покрај хаосот со лековите и залихите, Државниот завод за ревизија лоцирал прекршувања на Законот за работните односи (ЗРО) во делот на организирањето и исплатата на прекувремената работа на Клиниката.
Според извештајот, за прекувремена работа на 75 вработени во оваа јавна здравствена установа биле исплатени вкупно 5 112 000 милиони денари. Меѓутоа, ревизорите утврдиле дека овие пари биле делени без соодветна контрола, со што се прекршени членот 117 (став 2 и став 6) од ЗРО, кои ја регулираат максималната должина на прекувремените часови и обврските на работодавачот.
Ревизијата нотира дека наместо прекувремената работа да се организира со однапред донесена писмена одлука од страна на директорот, таа се одобрувала за исплата на крајот од месецот, само врз основа на доставени листи од раководителите на одделите. За воведувањето на прекувремена работа не било доставено писмено известување до Државен инспектор на труд.
„Утврдените состојби не обезбедуваат соодветна контрола и основаност при одобрување на прекувремената работа, овозможуваат субјективност во определувањето на должината на истата и создаваат ризик од нереални и неосновани исплати на надоместоците по овој основ“,
додаваат ревизорите.
Исплаќани екстра хонорари и ангажирани луѓе без дозвола од Финансии
Државниот завод за ревизија во својот извештај констатирал нерегуларности и во делот на хонорарните ангажмани.
Во текот на 2024 година, за договор на дело Клиниката ангажирала 24 лица – медицински кадар и помошно-технички персонал, за што од буџетот биле исплатени вкупно 5 441 000 милиони денари.
Ревизорскиот увид открива дека на дел од медицинскиот персонал ангажиран со договор на дело му биле исплатени вкупно 401 илјада денари повеќе од она што било првично договорено. Клиниката овие дополнителни пари ги пресметувала како проценти (додатоци) од Колективниот договор за здравствена дејност. Ревизорите укажуваат дека ова е незаконски, бидејќи Колективниот договор регулира права исклучиво за лица во редовен работен однос, а не за хонорарци.
Во периодот од јануари до март 2024 година, на платниот список на Клиниката се нашле од 2 до 5 лица повеќе од бројот за кој институцијата воопшто имала добиено писмена согласност од Министерството за финансии.
„Воспоставениот начин на утврдување и исплатување на надоместоците по договорите за дело создава ризик од субјективен пристап при утврдување на висината на надоместоците и влијае на нерационалното користење на буџетските средства“,
се вели во извештајот.
Во однос на финансискиот дел и во наплатата на побарувањата, ревизијата утврдила дека дел од нив се постари од три години, што ја прави нивната идна наплата неизвесна.
Утврдено е и дека постои разлика помеѓу пресметаната и реално наплатената партиципација за извршените здравствени услуги на осигурениците.
Две третини од прегледите биле итни
Како прашање од особен акцент, ревизорите ја издвојуваат оптовареноста на оваа јавна здравствена установа. Дури 66 проценти од вкупниот број реализирани прегледи биле извршени преку итни упати или упати без термин, што е огромно отстапување од планираниот начин на користење на националниот систем „Мој термин“.
„Ваквата структура на упатувања укажува на зголемено оптоварување на Клиниката, што може да влијае врз ефикасноста на планирањето и организацијата на работниот процес, оптималното користење на расположливите капацитети и достапноста на здравствените услуги за пациентите“,
се вели во извештајот на ДЗР.

Со цел да се надминат овие алармантни состојби и да се воспостави ред во работењето, Државниот завод за ревизија до раководството на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија доставил осум конкретни препораки кои ќе мора да се имплементираат во претстојниот период.
