Говорејќи околу ова прашање во интервју за ТВ Телма, тој рече дека тоа што и понатаму е јасно и сè уште валидно, а ќе биде и во иднина, е дека целиот процес на проширување е заснован на заслуги. Во случајот со Северна Македонија еврокомесарот за буџет рече дека земјава постигнала прилично голем напредок и оти е реално остварливо таа да ѝ се приклучи на Унијата во следните неколку години
На прашањето кој повеќе потфрли во девизата „ако вие испорачате и ние ќе испорачаме“ – земјава или ЕУ, еврокомесарот за буџет и администрација, рече дека никој не е совршен и оти ги критикува и земјите членки на Унијата, бидејќи, како што вели, имало ситуации кога Северна Македонија го завршила својот дел, но тоа не било соодветно наградено
Несериозно е да се дава точен датум кога некоја земја кандидат ќе стане дел од Европската Унија, рече еврокомесарот за буџет Јоханес Хан во вечерашното интервју за ТВ Телма.
Според еврокомесарот прашањето „кога“ е чувствителна форма, бидејќи, како што истакна, тоа зависи од напредокот кој ќе го остварат државите кандидатки.
Говорејќи околу ова прашање тој рече дека тоа што и понатаму е јасно и сè уште валидно, а ќе биде и во иднина, е дека целиот процес на проширување е заснован на заслуги.
„Тоа значи дека ако државата исполнува, треба да ги добие и заслугите за тоа. Затоа не чекаме сите да бидат подготвени за пристапување, туку ако некоја држава порано биде подговена, тогаш така треба да биде. Во случајот со Северна Македонија, таков е впечатокот кој го добив и по денешните дискусии, исто така и сите информации кои ги слушнав и прочитав, Северна Македонија постигнала прилично голем напредок на нејзиниот пат кон ЕУ. Затоа, мислам дека треба да бидеме оптимисти, мислам дека е реално остварливо Северна Македонија да ѝ се приклучи на Унијата во следните неколку години. Но, да се даде точен датум е несериозно“,
вели Хан.
На прашањето кој повеќе потфрли во девизата „ако вие испорачате и ние ќе испорачаме“ – земјава или ЕУ, еврокомесарот за буџет и администрација, рече дека никој не е совршен и оти ги критикува и земјите членки на Унијата, бидејќи, како што вели, имало ситуации кога Северна Македонија го завршила својот дел, но тоа не било соодветно наградено.
„Видете, ако сакав да бидам наставник, можев да станам наставник, затоа не делам оценки. Мислам, никој не е совршен, јас исто така ги критикувам и нашите членки, бидејќи навистина имаше ситуации кога Северна Македонија го заврши својот дел, и тоа не беше адекватно почестено. Но, ќе повторам, тоа е начин кој сѐ уште не е комплетен, и мислам дека не треба да ги набројуваме индивидуалните неуспеси, или како и да е, мислам дека секогаш треба да гледаме напред. Ако го погледнеме севкупниот развој изминативе неколку години, има јасен напредок, јасна насока, јасна поддршка, исто така има и силна поддршка и во земјата, и ние треба тоа да го надградиме“,
посочи Хан.
Говорејќи на темата за буџетската ситуација и дискусиите коишто се водат во моментов во институциите на Унијата, Хан рече дека е предложено зголемување на претпристапниот буџет за регионот за две милијарди евра.
Ова беше неговиот одговор на прашањето дали станува збор само за зголемување на претпристапната помош или и за извесен пристап до структурните фондови на Унијата од страна на земјите кандидатки.
„Нашата поддршка, или нашиот предлог е да се зајакнат одредени буџетни линии, тоа е многу концентриран фронт каде што веруваме дека се потребни дополнителни финансиски средства. Станува збор за миграција, патем, тоа е нешто што, исто така, го погодува и овој регион, но исто така и зајакнување на понатамошниот развој на регионот таму каде што овие пари се неопходни. Токму затоа предложивме зголемување на де факто предпристапниот буџет на регионот за 2 милијарди евра“,
рече Хан во интервјуто за ТВ Телма.
Еврокомесарот за буџет и администрација е посета на земјава, каде денеска имаше свое обраќање Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ).
На Форумот тој рече дека Северна Македонија е на одличен пат кон ЕУ и испрати порака до сите политички сили во земјата да соработуваат.
„Ова е тимска задача, треба да играте како национален фудбалски тим, а не како шампионат на поединци. Треба заедно да работите, инаку нема да бидете успешни“,
рече тој во обраќањето на СЕФФ.
Хан изрази уверување дека Северна Македонија ќе стане можеби 28. членка на ЕУ, но го повтори ставот, кој го изнесе и во вечерашното интервју дека евроинтеграцијата и натаму останува процес базиран на заслуги.
Според него не треба да се носат избрзани законски решенија, а рече и дека владеењето на правото мора да се почитува.