Хајрулахи беше единствениот кандидат откако од конкуренција се повлекоа обвинителите Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми. Покрај него, Советот избра шеф и на ВЈО Гостивар, како и шефици на четири основни обвинителства
Досегашниот шеф на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје, Мустафа Хајрулахи, доби уште еден четиригодишен мандат да го води ова обвинителство.
Тој денеска на седница на Советот на јавни обвинители едногласно беше избран со осум гласа „за“ откако претходно во два наврати Советот не можеш да избере шеф.
Хајрулахи беше единствен кандидат откако претходно од трката се повлекоа двајцата обвинители кои му беа противкандидати: Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми.
Советот имаше само пофални зборови, вината за неажурнсота ја префрли на пониските обвинителства
Хајрулахи, кој и досега беше шеф, правосуден испит положил во 2008 година, а обвинител станал во 2012 и од тогаш до 2018 работел како основен јавен обвинител во ОЈО Скопје. Во 2018 беше избран за шеф на ВЈО Скопје, а републичкиот обвинител Љубомир Јовески, за досегашната работа го оценил со позитивна оценка со 24 бода.
Членовите на Советот имаа само пофални зборови без разлика на критиките кои ги искажале на претходните седници во однос на неажурнсота, немање конфискации во предметите за кои е надлежно ВЈО Скопје итн. Вината за тоа, според дел од членовите е во хиерархиски пониските обвинителства кои се под надлежност на скопското Вишо обвинителство.
Во јавноста, смета членот Коле Штерјев, како да се создала потреба да се оцрни Хајрулахи кога двајцата противкандидати се повлекле.
„Мотивот што се јавив за збор е некои работи да станат појасни за јавноста. Излегуваа податоци дека кандидати повлекле кандидатури, се повлекоа. Имаше убава дискусија на Советот за Вишото јавно обвинителство Скопје, точно е дека имаше забелешки дека немал конфискации и немало податок за истраги. Меѓутоа, ВЈО, доколку тоа не е побарано во пониските обвинителства, не може да измисли и да направи конфискација. Желбата да се предизвика сензација во јавноста, како да се роди потреба кога се повлекоа другите кандидати, па дај сега да го оцрниме и да му се става кабает за вина што не е неговата. Кога зборувавме за ажурноста, таа се однесуваше на основните обвинителства, оттука сакам да кажам дека ќе го поддржам Хајрулахи“,
рече Штерјев.
Арбер Исаку, пак, во дискусијата рече дека Хајрулахи е познат од претходно и имајќи ги предвид состојбите во ВЈО Скопје од пред неговото доаѓање и тоа како е сега, работите доста се подобрени.
„Тоа го знаеме од годишните извештаи што сме ги позитивно оцениле и со увидот во месечните извештаи. Бидејќи лично се познавам знам дека е доста стручен и ажурен обвинител со изборот ќе се подобрат состојбите“,
рече Исаку.
Ништо против во дискусијата немаше ниту Фиданка Рајевска.
„Мустафа Хајрулахи во првиот мандат се соочи со сериозни проблеми откако дојде како шеф на тоа обвинителство од причина што имаше недостаток на обвинители и тоа беше прилично поголем проблем кој подоцна се надмина. Сега мислам дека течат работите подобро“,
рече Рајевска.
Овие тројца членови беа единствени што се јавија за дискусија.
Како течеше повлекувањето на Фетаи и Рустеми
Повлекувањето на противкандидатите следуваше откако пропадна првиот обид за избор на шеф на 14 ноември. Тогаш избор се одложи бидејќи, објаснија од Советот, членовите немале време да ги разгледаат досиејата на кандидати за шефови на ова и на другите обвинителства за кои беше распишан конкурс.
Неколку дена потоа обвинителката Фетаи преку имејл го извести Советот дека ја повлекува својата кандидатура.
Претседателот на Советот, Антонио Јолески, потоа имаше изјава дека му е чудно што Фетаи се повлекла и во изјава за медиумите тогаш рече дека обвинителката му рекла дека тоа било нејзина лична одлуката.
„Очекувам дека ако сака да ми каже или ако се вршат притисоци, затоа и ѝ реков дека ’ние како Совет сме тука да ве заштитиме ако имате некои притисоци‘. Меѓутоа таа рече: ’Ова е моја лична одлука‘. А дали и како ќе биде понатаму не можам да кажам. Доколку имаме какви било забелешки од нејзина страна односно да има некакви проблеми се надевам дека ќе ни каже за да можеме како Совет да ја заштитиме, да се казни ако некој врши влијание“,
рече Јолевски.
На второто продолжение на седницата за избор одржано 21 ноември, пак, кога во конкуренција беа само Хајрулахи и Рустмеи, немаше кворум од осум членови бидејќи републичкиот обвинител Љубомир Јовески, кој е член на Советот по функција, беше на болничко лекување.
Откако пропадна и вториот обид и се очекуваше закажување на денешното трето продолжение, кандидатурата ја повлече и обвинителот Бурим Рустеми.
„Ја повлеков кандидатурата затоа што сметам дека противкандидатот има поголеми шанси да биде избран за шеф на Вишото јавно обвинителство“,
изјави Рустеми за БИРН по повлекувањето.
Хајрулахи не верува дека Фетаи и Рустеми имале притисоци, а за себе тврди дека не е човек на ДУИ
Во гостувањето во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ емитувано на 16 декември, Хајрулахи рече дека не знае и не верува дека неговите колеги Фетаи и Рустеми имале политички притисок да се повлечат од трката за нов шеф. Тој посочи дека никогаш не се отворила тема и не зборувал со нив зошто се повлекле и додаде дека би било непрофесионално и неетички да ги праша за тоа.
„На крајот на краиштата, тоа се нивни одлуки, лични одлуки и јас не би се впуштал во тоа да коментирам нечии лични одлуки“,
рече Хајрулахи.
Во емисијата тој зборуваше и за неговите релации со ДУИ со оглед дека во јавноста и медиумите се споменува како човек близок до оваа партија, при што рече дека жали што во нашето општество секој добива етикета и не знае од кои причини го поврзуваат со интегративците.
„Навистина не можам да сфатам, читам по порталите, читам и по медиумите дека сум бил близок со ДУИ. Нека докажат, нека потврдат дека јас, навистина, сум близок со ДУИ“,
рече Хајрулахи.
Шеф доби и ВЈО Гостивар и неколку основни обвинителства
Советот на јавни обвинители денеска го избра доскорашниот член на Советот, Фарик Арслани, за шеф на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Гостивар. Тој беше избран со седум гласа „за“ и еден „воздржан“, во конкуренција на две други обвинителки. Едната беше Деса Пауновска која доби четири гласа „за“, три „воздржани“ и еден „против“, додека другата кандидатка беше Душица Димитриеска која доби по два гласа „воздржани“ и „за“, а четири „против“.
Димитриеска, подоцна во текот на седницата, пак, во конкуренција на уште еден кандидат беше избрана за за шефица на Основното јавно обвинителство Гостивар.
Шефици добија и три други основни обвинителства. Досегашната в.д. Теута Бедиу-Рамадани, ќе остане на чело на ОЈО Куманово, а во трката имаше уште двајца кандидати. Оливера Нечаковска и Елизабета Мишева-Јорданова, пак, како единствени пријавени ќе ги предводат основните обвинителства во Битола и Кавадарци.