Викторија Трајков, до скоро дипломатка во МНР, а од вчера заменик-министерка за европски прашања, вчера попладнето употребила „премиерот на Северна Македонија“ во објава на социјалната мрежа „Линкдин“, за средбата на Христијан Мицкоски со делегацијата бизнисмени од САД
Профили на „Х“ (поранешен Твитер), кои често се на линија со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш ја нападнаа. Некои и со погрдни зборови. Притисокот беше доволен за Трајков да ретерира и да ја префрли вината на „младата администраторка на мојот профил”
Викторија Трајков се уште не беше избрана за заменик-министерка кога во друштво на владини претставници беше дел од делегацијата за пречек на американските бизнисмени Крис Павловски, Хауард Лутник и Девин Нунес на скопскиот аеродром. Подоцна, заедно со премиерот и повеќемина министри на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, бизнисмените имаа средба на Илинденска бр.2.
Некои од присутните веднаш по средбата, а некои подоцна, споделија фотографии и постови на социјалните мрежи. Меѓу нив и Викторија Трајков. На англиски јазик, на својот „Линкдин“ профил, таа напиша:

„Вчера, премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, се сретна со Крис Павловски, основач и…“
Остатокот од објавата и не е важен за овој текст бидејќи реакциите што ги доби Трајков не се однесуваат на содржината на средбата, туку затоа што употребила „северна“.
„Кажете и на заменичкава министерка, кариерниов дипломата, дека е заменик-министер од ВМРО-ДПМНЕ и дека НЕ СМЕЕ да напише ‘Северна’. И секој што ваква грешка ќе направи ќе биде маван јавно по социјални мрежи. Мури, ооо тии, НЕ СМЕЕШ! СФАЌАШ!“,

На оваа објава на Х, потоа се редат коментари. Дел содржат и закани, дел навреди:

На еден од коментарите набрзо реагира самата заменик-министерка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Воопшто не се осврнува на навредите кон неа, туку „се вади“ сведувајќи ја на грешка на нејзина помошничка.
„Благодарам на укажаното! Ќе ја простиме овојпат грешката на младата администраторка на мојот профил“,
пишува Викторија Трајков од својот профил на коментарот на профилот наречен „Султана“.

Тоа, сепак, не спречува нови негативни коментари. Продолжуваат напади и навреди од типот „оваа како да не е од ВМРО, усните премногу и се напумпани“.
Ако, пак, се посети „Линкдин“ профилот на Трајков, видливо е дека таа повеќе нема „северна“. Иако не може да се види што, веднаш под нејзиното име и титула пишува дека објавата е „изменета“.

Грешката со „северна“ не се повторува на објавата на Трајков на „Х“ за истиот настан. На „Фејсбук“, пак, пишува дека објавата е измената, поточно дека е сменета „локација“.