Вчера славевме херојство на фудбалерите, но наши секојдневни херои се медицинските лица, порача првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби на денешната посета на Општата болница во Гостивар.
„Им велам на сестрите и на докторите и на целиот персонал дека вчера славевме херојството на фудбалерите и беше ден посветен на нив бидејќи се радувавме заедно, но всушност наши секојдневни херои се тие, кои всушност секојдневно се борат со последиците од пандемијата и се нашите вистински и секојдневни херои, така што им честитам, им се заблагодарувам на сите, а целиот нивни придонес. Честитки и за новиот оддел и се надевам дека граѓаните ќе бидат задоволни од услугата“,
рече Груби
Министерот Венко Филипче порача дека се води сметка за секој што е вклучен во борбата со ковид-19 и дека сите медицински лица ќе ја добијат ветената награда.
„Со последниот ребаланс на Буџетот се одвои значителна сума средства која ќе оди како награда, еднократна во следниот месец за сите здравствени работници кои работат со ковид-пациенти. Навистина е херојска борбата и работата што ја вршите во целиот изминат период. Да се подготви и да се престрои системот за нешто за што никогаш ниту некој предвидел дека ќе се случи ниту бил подготвен ниту, пак, очекувал, а вие како и вашите колеги во сите други јавни здравствени установи тоа го направивте во исклучително краток временски период со помош таму каде што е најпотребно“,
порача Филипче.