Затоа Никола Груевски има четирипати поголем рејтинг од Христијан Мицкоски и повеќе од една третина на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржуваат Мицкоски, туку сè уште го сметаат Груевски како нивен лидер, реагира вицепремиерот Груби
Секојдневното креирање лажни вести проследени со навреди се најниското ниво на кое ВМРО-ДПМНЕ е паднато од своето основање до денес. Денешното ВМРО-ДПМНЕ е непрепознатливо, кое го пушти низ вода сето свое претходно раководство и се служи со омаловажување на другите преку Гебелска пропаганда, реагира вицепремиерот Артан Груби откако од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија дека му пораснал стандардот откако Владата го потпишала договорот со „Бехтел и Енка“.
„Затоа Никола Груевски има четирипати поголем рејтинг од Христијан Мицкоски и повеќе од една третина на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржуваат Мицкоски, туку го сметаат сè уште Груевски како нивен лидер. ВМРО-ДПМНЕ треба да се извини за клеветите и личните навреди упатени кон првиот потпретседател на Владата, г-дин Груби. Во прилог Ви испраќаме доказ за цената на патиките за кои замислете, се состануваше Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и донесе стратешка одлука да креира уште една лажна вест по наредба на нивниот претседател во својата секојдневна колекција“,
се наведува во соопштението на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците со кое раководи Груби.

Претходно од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Груби дека носел патики вредни 450 евра.