Пратеникот од ДУИ, Артан Групи, порачува дека изборите се договорени и политичка непредвидливост од која било страна е несериозна и неодржлива за земјава.
„ДУИ целосно ги поддржува законите за јавно обвинителство, совет на јавни обвинители, за одбрана, изборниот законик со корекција на изборните единици како и Преспанскиот, Охридскиот и добрососедскиот договор. Ние сме убедени дека законите и одлуките ќе се донесат пред распуштање на Собранието. Предвремените избори беа консензуално договорени кај Претседателот Пендаровски и политичката непредвидливост од било која страна е несериозна и неодржлива за нашата земја“,
порачува Груби преку објава на Фејсбук.
Реакцијата на пратеникот доаѓа откако доцна вечерва по само 15 минути од почетокот на собраниската седница за законот за ЈО и за измените на Законот за Советот на јавни обвинители, претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина и продолжението го закажа за утре во 11 часот.
Пред да соопшти дека ја презакажува седницата Џафери рече дека цел ден добивал пораки од пратениците дека се уморни, но и пораки преку Фејсбук во врска со законот за ЈО.
„Се додека примам пораки дека има можност да се создаде друго мнозинство дека ќе биде поуспешно, јавно ги повикувам партиските лидери доколку сериозно мислат дека имаат потреба да создадат друго мнозинство, јавно ќе организирам преку мојата покана во текот на утрешниот ден да имаме лидерска средба согласно Пржинскиоит договор, согласно договорот за предвремените избори од 12 април, да потврдиме дека има желба да се одржат изборите на 12 април“,
рече Џафери.
Една од пораките на која тој алудираше е онаа на генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски кој им испрати порака на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ дека, ако ги кочат процесите, може да не дојде до распуштање на парламентот, да се формира ново парламентарно мнозинство и да пропаднат вонредните избори.
„Доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на кој било начин се оневозможи гласање на важните закони, а особено законот за јавно обвинителство, Изборниот законик, Законот за одбрана, разрешувањето на Мизрахи…, во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори. Државата нема да биде заложник на партиски и криминални интереси. Правната држава и европската иднина се приоритет на граѓаните и за тоа ќе се бориме до последниот атом“,
рече Николовски.