Генералниот секретар на СДСМ им испрати порака на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ дека, ако ги кочат процесите, може да пропаднат вонредните избори. Во меѓувреме, спикерот Џафери закажа седници – и за разрешување на Мизрахи и за распуштање на парламентот
Можност за формирање ново парламентарно мнозинство и редовни избори најави вечерва генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски. Во емисијата „Клик-клак“ на ТВ 21. Николовски ја спомна оваа опција во контекс на потребата да се донесат одредени законски решенија, посочувајќи дека некои структури ги кочат процесите што треба да завршат до распуштање на парламентот.
„Ако немаме фер шанса, ако не се дозволи пратениците да гласаат по сопствено убедување, ние можеме да направиме и ново парламентарно мнозинство и да одиме на редовни избори. Очигледно е дека некои структури, заплашени од казни и уцени, прават се за да не дојде до гласање“,
рече Николовски.
Тој посебно го спомна случајот со предлогот на техничкиот премиер Оливер Спасовски за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи. Николовски посочи дека е недозволво тој предлог да не се стави на дневен ред на седница, со оглед на тоа што станува збор за прекршување на Уставот.
„Доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на кој било начин се оневозможи гласање на важните закони, а особено законот за јавно обвинителство, Изборниот законик, Законот за одбрана, разрешувањето на Мизрахи…, во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори. Државата нема да биде заложник на партиски и криминални интереси. Правната држава и европската иднина се приоритет на граѓаните и за тоа ќе се бориме до последниот атом“,
рече Николовски.
Сегашното парламентарно мнозинство брои 69 пратеници,. Но, во очекување на распуштање на парламентот, мнозинството само формално го сочинуваат Коалицајата на СДСМ, ДУИ, Алтернатива и ДПА, со оглед на тоа што во техничката влада партиципира и ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на парламентот Талат Џафери реагираше на изјавата на Николовски пред да го прекине вечерашново продолжение на седницата за законот за ЈО. Тој, иронично, ги повика утре на координација шефовите на пратеничките групи, за да почнат да договараат ново мнозинство.
Во меѓувреме, Џафери закажа седница и за предлогот за разрешување на Мизрахи и за распуштање на парламентот. За тоа дали Мизрахи да биде разрешена ќе се одлучува утре, со почеток од 15 часот, додека седницата за распуштање на парламентот е закажана за во недела, со почеток во 12 часот. И за двете точки треба да се обезбедат по 61 глас за да бидат усвоени.
Изјавата на Николовски за можно ново мнозинство и „суспендирање“ на вонредните избори го затекна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски среде емисија на Алфа ТВ. Тој реагираше дека лидерот на СДСМ Зоран Заев му ја напишал изјавата на Николовски.
„Не би го коментирал овој господин. Мислам дека текстот е напишан од неговиот претседател. Срамот е огромен и се бара начин луѓето да се скријат од одговорност. Јасна е намерата на Заев по која било цена да ги одложи изборите или на насилен начин со пазар. Ова е знак на нервоза. Да видиме како ќе се одвиваат работите и ќе имаме соодветен одговор“,
рече Мицкоски.