„Очекувам извинување од клеветникот во рок од 24 часа, во спротивно ќе го тужам за откривање на неговите лаги што им се секојдневие“, напиша тој на својот фејсбук-профил
Поранешниот вицепремиер и функционер на Демократската унија за интеграција, Артан Груби, денеска на својот фејсбук-профил ги демантираше наводите за негова наводна поврзаност со настаните што се случија за време на прославата на Денот на албанското знаме, а поврзани со сквернавења на национални симболи, за што денеска го обвинија од коалицијата „Вреди“.

Груби го осуди палењето на националните симболи и побара јавно извинување од коалицијата „Вреди“. Во спротивно, најави тужба.
„Немате сила! Ниту знаење, ниту храброст, но уште поважно ја немате волјата на Албанците, туку ја имате милоста на ВМРО и желбата да се потчинувате и да им служите“,
напиша Груби на Фејсбук.

Го осуди насилството и палењето знамиња, како и институционалното поттикнување тензии и селективната моноетничка правда.
„Во најсилна можна форма демантирам каква било моја наводна монструозна и пропагандистичка поврзаност со настаните од 28 ноември. Срамот што го наметнавте на себе и на вашите семејства не се покрива со никаква клевета, па затоа, согласно законот, очекувам извинување од клеветникот во рок од 24 часа, во спротивно ќе го тужам за откривање на неговите лаги што им се секојдневие“,
вели тој.
Коалицијата „Вреди“ денеска објави дека се обезбедени фотографии со кои докажуваат дека младите што го запалија државното знаме се блиски соработници на Артан Груби.
Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, од прес-конференција во партиското седиште, порача дека ДУИ за чисто лични интереси ги користи младите како „топовско месо“, само за да ја избегнат правдата што ги чека.
„За на крај, испраќаме порака до мераклијата на казината, Артан Груби, не се обидувајте да ги чепкате Албанците затоа што тие се наш аманет, одговорни сме и за оние млади луѓе кои ги условуваш да прават недолични постапки. Младите не стануваат камикази, о Артане! Лицемерие е да ги поттикнуваш младите да го запалат знамето што ти го носеше во канцеларија. Повторно не успеа, научи ја вистинската лекција, направи една акција со две добри дела! Бегајте од ДУИ, спасете ја партијата што ја уништивте, спасете ги Албанците од вашите планови кои ги жртвуваат младите без милост“,
рече Фетаи.
Како што вчера информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вкупно 17 лица се уапсени по серијата инциденти што пред два дена се случија за време на прославата на Денот на албанското знаме, а поврзани со сквернавења на национални симболи, посочувајќи дека дел од уапсените се малолетници, а лишени се од слобода во различни градови низ Македонија.