Од кабинетот на вицепремиерката велат дека за министерот за внатрешни работи ќе постапат како и во сите други предмети односно согласно надлежностите, а тие, велат, се во делот на етичкиот кодекс
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, ќе постапи во случајот со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во случајот „Виа комерц“, како и во сите други предмети, согласно своите надлежности кои се во делот на етичкиот кодекс.
Вакви најави доаѓаат од кабинетот на Грковска, откако пред два дена Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) одлучи да достави иницијатива до Владата за утврдување одговорност на Спасовски бидејќи ненавремено донел решение за забрана за вршење технички преглед на правното лице „Виа комерц“, станица во која откако биле утврдени неправилностите на технички преглед поминал и автобусот на „Беса транс“ од несреќата во Бугарија во која загинаа 45 лица.
Како ќе постапи, „360 степени“ првично се обрати до Владата од каде што нè упатија да се обратиме до кабинетот на Грковска за да добиеме директно одговор.
Оттаму, пак, велат дека ќе постапат според надлежностите што ги имаат.

„Во однос на поставеното прашање, Ве информираме дека кабинетот на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење има надлежност во делот на почитување на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и други лица избрани и именувани од страна на Владата. Во таа насока, ќе постапиме во согласност со нашата надлежност за сите предмети кои ќе бидат доставени до нас, исто како и до сега“,
гласи одговорот од кабинетот на вицепремиерката.
Покрај иницијатива, од Антикорупциската комисија посочија и дека со оглед на тоа што и во обвинителството е отворен предмет за случајот, сите докази што тие ги имаат ќе ги достават и дотаму како дополнение.

Случајот со „Виа комерц“ го отвори „360 степени“ во декември 2021 година кога објавивме дека инспектори на МВР во август 2021 година предложиле привремено затворање на станицата за технички преглед поради серија констатирани недостатоци. Контролата била извршена на 12 август 2021, а предлогот-решение за забрана за работа од службите во МВР било изготвено на 25 август. Додека се чекал потписот од министерот Оливер Спасовски, автобусот на „Беса транс“ на 5 октомври лани бил на технички преглед. На 23 ноември 2021 се случи автобуската несреќа во Бугарија, а три дена по неа, на 26 октомври, Спасовски го потпишал решението.

- (ВИДЕО) Спасовски ја затворил станицата во која е регистриран автобусот на „Беса транс“ три дена по трагедијата, но за пропусти откриени уште во август
- (ФОТО) Факсимил од решението на Спасовски за забрана за работа на „Виа Комерц“ од ноември, за пропусти од август
За случајот на 5 мај 2022 Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори и предистрага (ОЈО ГОКК). Предметот го водеше тогашната шефица Вилма Русковска, која во меѓувреме беше суспендирана, па случајот беше распореден кај обвинителката Катерина Коларевиќ.
- Спасовски негира дека МВР крие документи во врска со случајот „Виа комерц“: Сè што е потребно е доставено до Обвинителството
- ЈО: Предметот за „Виа комерц“ ќе го води Коларевиќ, а за Управата за финансиска полиција ѝ е доделен на Стефанова
Русковска во ноември лани и формално го напушти ОЈО ГОКК откако на изборите за нов шеф победи Ислам Абази. Во својот последен телевизиски настап пред околу еден месец, „Виа комерц“ заедно со случаите за ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, и за Управата за финансиска полиција и нејзиниот поранешен директор Арафат Муареми, Русковска ги посочи како трите „што ѝ пресудиле“ за да биде суспендирана од работа.
Додека надлежните постапуваат, по околу половина година откако го отворивме случајот, во јуни лани „360 степени“ провери на терен каква е состојба со станицата за технички преглед. Она што го утврдивме беше дека во истите објекти функционира нова станица со слично име „Виа контрол“, а сопственикот на претходната фирма, Џемаљ Науши, во новата се појави како управител.
„Виа контрол“ била основана на 17 јануари 2022 односно откако истекол рокот во кој „Виа комерц“ требаше да ги отстрани пропустите со цел да може да продолжи со работа. Меѓутоа, она што се случило, како што пишувавме, е што „Виа комерц“ всушност никогаш не ги отстранила пропустите и МВР трајно ѝ ја одзело лиценцата. Неколку дена подоцна, новата фирма, „Виа контрол“, добила „чиста“ лиценца за работа во истиот објект.
Од МВР тогаш ни одговорија дека се е по закон и дека самите барале измени во легислативата со кои нема да смее нова компанија да добие лиценца за технички преглед на возила во објект кој бил користен од фирма што ја изгубила лиценцата во последните 3 години.