Мицотакис се јавил на преглед во одделот за итни случаи во болницата во Ханија, на островот Крит, откако паднал од велосипед и се здобил со повреда на раката и со полесни гребаници

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис завршил во болницата по несреќа што ја доживеал додека возел велосипед, објави грчкиот весник Катимерини. Настанот се случил во Ханија, еден од поголемите туристички центри на грчкиот остров Крит.
Мицотакис се јавил на преглед во одделот за итни случаи откако паднал од велосипед и се здобил со повреда на раката и со полесни гребаници. Таму му била укажана прва помош, по што ја напуштил болницата.
Како што објавија дел од грчките медиуми, несреќата се случила кога на Мицотакис му пролизгало предното тркало од велосипедот и поради тоа ја изгубил рамнотежата и паднал.
По завршувањето на прегледите и откако било утврдено дека нема причина за загриженост, Мицотакис ја напуштил болницата и продолжил со својата редовна агенда.
Мицотакис е роден и израснат во главниот град на Грција, Атина, но неговото семејство има длабоки корени и потекло токму од градот Ханија на островот Крит. Важи за страстен љубител на возењето велосипед.
